Србија врати 200 свои граѓани од Дубаи
Во тек е процесот на евакуација на српски државјани од Блискиот Исток, а првиот авион со 200 граѓани полета синоќа од аеродромот во Дубаи, пренесе „Данас“.

Аеродромот во Дубаи соопшти дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати кон Србија, по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток, полетал околу 23.30 часот според средноевропско време.
Станува збор за авион „Боинг 737 Макс 8“ на авиопревозникот „Флај Дубаи“, со капацитет од 162 до 200 патници.
Дубајската авиокомпанија „Емирати“ вчера соопшти дека започнува сообраќај со ограничен број летови.
„Приоритет имаат патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови, ‘Емирати’ ќе ги контактира директно“, се наведува во соопштението на компанијата.
Авиопревозникот апелира до патниците „да не доаѓаат на аеродром доколку не се известени“.
Компанијата додаде дека сите останати летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Евакуацијата следува откако САД и Израел извршија напади врз Иран во саботата, а Техеран возврати со тоа што нападна неколку држави на Блискиот Исток, во кои Америка има бази и други воени капацитети.






