Србија ѝ испрати протестна нота Хрватска поради наводно мешање во изборите

Министерството за надворешни работи на Србија испрати протестна нота до Хрватска поради мешање во внатрешните политички работи и изборната кампања во Србија.

Александар Вучиќ, кандидат за премиер на Србија / Фото: EPA/MARKO DJOKOVIC

Во нотата, чија содржина ја пренесуваат српските медиуми, меѓу останатото, се наведува дека обидите за надворешно влијание врз изборните процеси, како и одредени начини на известување од страна на хрватските медиуми за политичката ситуација во Србија, се неприфатливи.

Дополнително се истакнува дека особена загриженост предизвикува честото прикажување на внатрешнополитичките случувања во Србија преку еднострани и крајно негативни толкувања, како и обидите политичките процеси во Србија да се поврзат со наводна закана за регионалната стабилност. Ваквите пристапи, како што се наведува, не придонесуваат за меѓусебна доверба, добрососедски односи или конструктивен дијалог.

 

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ги отфрли обвинувањата за мешање на Хрватска во изборната кампања во Србија, а протестната нота на Белград ја оцени како смешна и целосно бесмислена. За наводите околу известувањето на медиумите во Хрватска, тој рече дека хрватските медиуми се слободни и пишуваат што сакаат.

„Го видов текстот на нотата, се обидувам да разберам што сме направиле, а ако мислат дека ние го оркестрираме она што го пишуваат хрватските медиуми, а јас не забележав ништо особено контроверзно, тоа е нивна работа“,изјави хрватскиот премиер.

Back to top button
Close