Српски бизнисмен Богољуб Кариќ се најде во новиот пакет санкции на ЕУ: „Близок е со режимот на Лукашенко“


Со оглед дека причините за одлуката за санкционирање се темелат на националната припадност и со ништо докажаните наводи во новинарските написи на нереферентни медиуми, сметам дека нема никаква основа за санкции и ќе ги преземам сите правни мерки за ниво укинување, вели Србинот Кариќ во реакцијата
Советот на ЕУ го смести српскиот бизнисмен и политичар Богољуб Кариќ на листата лица кои се под „рестриктивни мерки“ поради блискост со режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Како што се наведува во одлуката на ЕУ, пренесува Н1, српскиот бизнисмен и политичар со членовите на неговото семејство развил мрежа компании за недвижности во Белорусија и остварил контакти со семејството на Лукашенко.

„Тој е тесно поврзан со компанијата ’Дана Холдинг‘ и нејзината некогашна подружница ’Дана Астра‘, а во повеќе наврати ги застапуваше овие правни лица за време на состаноците со Лукашенко“,

пишува во дел од одлуката за санкциите.
ЕУ смета дека компаниите поврзани со Кариќ добиле повластен третман под закрила на режимот на Лукашенко, вклучувајќи олеснувања со даноци и земјишта за развој на бизнисот со недвижност, а благодарение на блиските врски со белорускиот претседател и луѓето од неговото опкружување.

„Тој (Кариќ) има корист и го поддржува режимот на Лукашенко“,

пишува во одлуката на ЕУ.
По објавата на одлуката за санкции, бизнисменот соопштил дека за него било големо изненадување што негово име се наоѓа на списокот санкционирани. Тој вели дека поминале две години од завршување на градежниот проект во Белорусија, кој нагласува, го добил на меѓународен конкурс.

„Со оглед дека причините за одлуката за санкционирање се темелат на националната припадност и со ништо докажаните наводи во новинарските написи на нереферентни медиуми, сметам дека нема никаква основа за санкции и ќе ги преземам сите правни мерки за ниво укинување“,

вели Србинот Кариќ во реакцијата.
Инаку, во новиот шести пакет санкции кој го објавува ЕУ кон Русија и Белорусија од почетокот на руската инвазија во Украина, се најде и Алина Кабаева, поранешна руска гимнастичарка и пратеничка, но и наводна девојка на рускиот претседател Владимир Путин, како и генерал-полковник Михаил Мизинцев за кој медиумите пишуваат дека е познат и како „касапот од Мариупол“, полковникот Азатбек Омурбеков кој, пак, е познат како „Касапот од Буча“. Понатаму, пакетот санкции опфаќа и членови на семејството на Дмитриј Песков, портпаролот на Путин, и други лица.

Back to top button
Close