Српските фудбалери во март ќе гостуваат во Москва

Фудбалската репрезентација на Србија во март ќе одигра два пријателски натпревари, против Русија и Кипар на гостински терен, соопштено е вечерва официјално во Белград.

Како што објави Фудбалската федерација на Србија, националниот тим на оваа земја на 21 март ќе ѝ гостува на Русија на стадионот „Лав Јашин“ во Москва, а на 25 март ќе игра против Кипар во Лимасол.

Информацијата дека Русија и Србија ќе одиграат пријателски натпревар во март претходно денеска ја објави и првиот човек на руската фудбалска Федерација, Александар Џуков.

„Постигнавме договор со српската страна. Добивме дозвола од УЕФА, но, од друга страна дотогаш се уште може да се случи“, рече Џуков во изјава која ја пренесоа руските медиуми.

Рускиот фудбал е под санкции од ФИФА и УЕФА, а во меѓувреме сениорската репрезентација одигра неколку пријателски натпревари против селекции надвор од Европа вклучувајќи ги Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, Иран и Ирак.

Back to top button
Close