Стабилизација на инструментот

Министерот за животна средина, Насер Нуредини информираше дека во вторникот имал работна средба со лице што добило позитивен резултат, вчера се тестирал, резултатот е негативен, но по препорака на епидемиолозите „ќе остане во самоизолација и ќе работи од дома“. Медиумите масовно пренесоа: Нуредини оди во самоизолација!

Брее, каква вест, каква паника. Да не беше оваа информација, ќе заборавев дека имаме ресор за животна средина и министер, и тоа во негов втор мандат. Прво што ми дојде на ум поврзано со неговото име се стихови од песната што младата српска пратеничка Јелена Михајловиќ ги рапуваше во српскиот парламент.

„…Те овакви мандати,

те онакви мандати,

и секогаш

едни те исти кандидати.

…Затоа, резултати

и резултати,

па дури тогаш

повторни мандати“.

Иако веста за изолацијата на Нуредини има денешен датум, слободно може да се смета за надвременска. Имајќи ги предвид резултатите на министерството што го предводи, може да се рече дека или подолго време е во самоизолација или е на многу строга дистанца од учинокот што граѓаните го очекуваат од овој ресор.

Токму поради тоа, мерката за задолжително носење заштитни маски на отворено, луѓето сѐ помалку ја доведуваат во логична врска со превентива од корона вирусот, а најмногу со заштита од аерозагадувањето, кое драматично се чувствува уште на крајот на октомври.

Кога првпат стапи во функција, Нуредини се претстави „како човек што дејствува, а не како некој што зборува“. Досега најмногу се истакна како човек што се повторува. На 15 октомври годинава објави дека во Гевгелија е пуштена во употреба нова мониторинг станица за квалитет на воздух, со што бројот на официјалните мониторинг станици во државата се зголемил на 18 и една дополнителна, мобилна мерна станица.

Како се зголемил бројот, кога и лани беа 18 мерни станици, а се ветуваа и нови? Неподнослива е леснотијата со која секоја година се рециклираат стари ветувања, во ново пакување.

Целата колумна на Катерина Блажевска на „Призма“ на следниот линк.

Back to top button
Close