Стојчевска до Филков: Ќе се повлечете ли од Судскиот совет, така да почнат реформите?
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерот за правда Игор Филков, кое се однесува на реформите во судството, како суштински за демократијата и владеењето на правото, но за жал, изминатите 7 месеци гледаме оддалечување од овие принципи, а партизацијата добива ендемски размери.
Во продолжение интегрален текст на прашањето:
Министре Филков, вие сте задолжени за еден од најклучните столбови во нашето општество, а тоа е правдата. Реформите во судството се суштински за демократијата и владеењето на правото, но за жал, во изминатите 7 месеци гледаме оддалечување од овие принципи.
И покрај вашите изјави дека ќе ги инкорпорирате препораките на Европската комисија, вашите дела укажуваат на сосема спротивно, партиски назначувања и недоволна независност на судските институции.
Препораките за намалување на политичкото и бизнис влијание, не се почитуваат што дополнително ја намалува довербата на јавноста. Во овие 7 месеци не гледаме никакви реформи во судскиот систем, иако ова е една клучна област во која треба да се дејствува.
Партизацијата добива ендемски размери во институциите, но уште позагрижувачки, и во она што треба да е темел на едно демократско и праведно општеството – судскиот систем.
Вашите изјави за законски измени до јуни 2025 делуваат како одложување, а не како итно и одлучно справување со проблемите.
Наместо спроведување на најавените реформи, гледаме засилена партизација на судството, каде што клучните позиции, делуваат по политички, а не според професионални критериуми.
Во Оценската мисија, почитуван министер, нема никакви препораки за вакви назначувања на судии и обвинители.
Едно се зборува, а друго се прави
Затоа моето прашање денес до вас е директно и суштинско: Дали вие сте подготвени да ги направите вистинските чекори, кон промена или и понатаму ќе се продолжите со празни зборови и формални најави.