Стоилковиќ со Српскиот државен врв средил операциите и лекувањата на повредени од Кочани да биде на сметка на Србија
Во Кочани министерот ветил дека ќе направи се што може да им се помогне на повредените во Кочани и ветувањето го остварил

Македонскиот министер за локална самоуправа и лидер на Демокракатската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, соопшти дека Србија ќе ги покрие сите трошоци оперативните зафати на младите кои беа повредени во трагичниот пожар во дискотеката во Кочани.
Стоиљковиќ информира дека по разговорите со српскиот државен врв, српските здравствени институции ќе ги изведат интервенциите на сопствен трошок, а институциите на двете држави веќе започнале официјална комуникација за што побрза реализација на процесот.
Стоилковиќ посочува дека пред неколку дена, за време на посетата на Кочани, се сретнал со група млади луѓе чии животи засекогаш се промениле по трагедијата. Како што наведува, во нивните сведоштва ја видел огромната болка, но и стравот дека без нови оперативни зафати, кои треба да се извршат до септември, последиците од повредите би можеле трајно да им го одбележат животот.
Според него, повредените му раскажале дека контактирале со лекарите кои претходно ги лекувале во Белград, но добиле одговор дека не постои договор за соработка меѓу македонскиот и српскиот Фонд за здравствено осигурување, поради што не можеле да го продолжат лекувањето преку институциите. Воедно, високите трошоци за операциите во приватни клиники биле недостижни за нивните семејства, оставајќи ги, како што вели, без надеж дека ќе можат целосно да закрепнат.
„Во тие моменти, гледајќи ги во очи, знаев дека не смеам да дозволам нивната младост да биде скршена од бирократија. Им ветив од сето срце дека нема да се откажам“, наведува Стоилковиќ во својата објава.
Тој открива дека по интензивни разговори со претседателот на Владата на Србија, Ѓуро Мацут, министерот за здравство Златибор Лончар, како и со српскиот државен врв и претседателот Александар Вучиќ, добил потврда дека сите неопходни хируршки интервенции ќе бидат извршени во српските здравствени установи и целосно ќе бидат покриени од српската држава.
„Од денеска, институциите на двете држави се веќе во официјална комуникација за да го реализираат ова хумано дело што е можно побрзо“, истакнува Стоилковиќ.
Стоилковиќ побара од амбасадите на пријателските земји кои помогнаа веднаш по трагедијата, повторно да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
„Со искрена и најдлабока благодарност се присетуваме на несебичната и брза помош што ја пруживте кога беше најтешко за настраданите во Кочани. Денес упатуваме повторен апел до амбасадите на сите пријателски земји, да застанеме уште еднаш заедно и да ги мобилизираме клиниките за целосно да го завршат лекувањето на овие млади животи. Нашите деца ги изодеа најтешките чекори, но борбата сè уште трае. Со ваша соработка и поддршка, сигурни сме дека оваа хумана приказна ќе ја доведеме до крај“, напиша Стоилковиќ.
преземено од ехпрес.мк






