Страв и отсуство на страв како причини за војна


Денко Малески

Се поблиску сме до сукоб меѓу Русија и Европа. Трамп вели дека сме поблиску до мир во Украина од што мислиме, ама реалностите на теренот и односите меѓу Русија и Западот го кажуваат спротивното: дека ќе се одлучува на бојното поле а не на мировна конференција.Деновиве портпаролот на Путин , Димитриј Песков изјави дека она што започна како „специјална воена операција“ денес е „вистинска војна“. Изјавата е последица на големата поддршка на Западот за Украина и фактот дека Русија воено не се соочува само со Украина туку и со она што се нарекува „колективниот Запад“. Со оглед на тоа што сеуште нема одлука на руската Дума за објавување војна, ова, засега е само промена на политичката реторика. Но, настаните ќои ќе следат во летните месеци ќе бидат во знакот на ескалација на војната од Руска страна. Целта е оставрување на новите воени планиови кои ги изнесе Путин во својот последен говор: не само освојување на последните 5% од Донбас туку и Новоросија, дел од Украина со пристанишниот град Одеса. Воените аналитичари сметаат дека и завземањето на Киев, древната престолнина на Русија, е дел од руските планови.
Од друга страна, европските политичари зборуваат за победа на Украина. Во уште еден изблик на нереален оптимизам, финскиот премиер Александер Стуб ќе изјави вчера дека Украина ја добила војната. Имено дека (уништената држава) победила затоа што ја сочувала својата независност,својот суверенитет и правото да одлучува за својата иднина и идентитет. Страшна е судбината на Украина. Но, она што ја чека како земја без излез на море може да ја претвори во нефункционален остаток на една некогашна држава. А се можеше да биде поинаку НАТО и ЕУ да се согласеа на неутрална Украина. Изјавите на претседателот Трамп и на неговата директорка за национална безбедност дека ширењето на НАТО со Украина е поводот за воената агресија на Русија, никогаш не пуштија корен и не станаа нова политика на Западот. Саботирани од комплексни интереси кои се прекршуваат низ американскиот политички процес и силите кои се во прилог на војната,овие изјави останаа само тоа. Неразумната политика на европските држави да ја продолжат војната до последниот Украинец, пак, не доведе на работ на сукоб меѓу Русија и Европа.
Дека стравот може да биде причина за војна, речито ни илустрира Тукидид во „Пелопонеските војни“ , објаснувајќи дека изградбата на моќно утврдување околу Атина, ја натерало Спарта да нападне додека ѕидот е сеуште во иградба. Но дека отсуството на страв во нуклеарната ера може да биде причина за војна, може да покажат „неустрашивите“ европски политичари кои секојдневно испорачуваат дронови и ракети на Киев, кои Украинците ги лансираат длабо ко внатрешноста на „мајка Русија“. Имено, „одвраќањето“, значи стравот од нуклеарна одмазда, го чуваше мирот меѓу големите сили во текот на Студената војна.
Дилемата со која се соочува Русија е како да го врати стравот од нуклеарна одмазда а да не предизвика Трета светска војна. Путин не брза со одмазда зашто си го поставува прашањето: Што после? Што ако Западот, пред се Европа, продолжи со истата политика и не се „здрви од страв“ после некаква демонстрација на сила со конвенционално или со нуклеарно оружје против држава членка на НАТО? Со 99 одсто сигурност може да се прогнозира дека Америка нема да јурне на помош со своето нуклеарно оружје и да го жртвува Њујорк за Франкфѕрт. Ама, што ако надвладее тој еден посто? Тогаш светска војна ќе биде неизбежна. Војната ќе биде неизбежна и ако Русија дозволи нејзината воздржаност да биде протолкувана како слабост. Угоре високо, удолу длабоко, вели народната. А Македонија? Малата балканска држава нема друг избор освен да ја следи погрешната надворешна политика на НАТО кон Украина и да продолжи да повторува дека нејзината надворешна политика е сто посто во согласност со погрешната политиките на ЕУ кон УКраина. Таква е судбината на малите држави кои се борат за својот опстанок.

Back to top button
Close