Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко не се појави во суд, одложено судењето за набавката на луксузното „ауди

Во Основниот суд во Струга денеска не почна судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, поради тоа што тој не се појави во судницата. Во струшкиот суд требаше да почне процес во кој Мерко е обвинет за набавката на луксузен автомобил „ауди“ на трошок на Општината.

Во судницата денеска не дојде ниту неговиот бранител, кој претходно побарал од судот одлагање на рочиштето, поради обврски со друг предмет. Следното рочиште е закажано за 3 јуни.

Обвинителот од ОЈО Струга, Никола Јолевски смета дека има дело во овој случај и додаде дека ќе го поддржат обвинителниот предлог што го поднесе ОЈО ГОКК.

„Обвинителниот акт е за делото злоупотреба на службената положба 353 став 4 во врска со став 1. Ние ќе ја докажаваме нашата теорија на случај, одбраната нивната, на крај судот ќе одлучи што навистина се случило. Ние сметаме дека има дело и ќе го поддржиме обвинителниот предлог што го поднесе ОЈО ГОКК“,рече Никола Јолевски, обвинител од ОЈО Струга.

Обвинението против Рамиз Мерко го поднесе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по подолга истрага.

Предметот бил отворен по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Против струшкиот градоначалник е поднесен обвинителен предлог, односно предметот ќе оди по скратена постапка, а се однесува на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Инаку, Мерко ќе се гони согласно измените на КЗ кои претрпеа измени на 6 септември минатата година.

Според ставот 4 од Кривичниот законик, за делото за кое ОЈО ГООК го товари Мерко, е предвидена затворска казна од една до пет години.

Антикорупциска предметот против струшкиот градоначалник го отвори во мај 2019 година, а една година подоцна поднесе иницијатива до Обвинителството за негово кривично гонење. Иницијативата на Антикорупциска, во најголем дел ги содржела наодите на Државниот завод за ревизија во врска со истиот случај.

Заврши вонредниот надзор врз 30 предмети поврзани со градоначалникот Мерко

Заклучоците на Антикорупциска беа дека Мерко ги злоупотребил службената положба и овластување со набавката на четири возила во вредност од 114 000 евра. Меѓу нив беше и набавката на луксузното „ауди“ во вредност од 67 000 илјади како службено возило за градоначалникот.

Она што беше спорно со набавката беше и тоа што таа беше реализирана додека Општината работеше со блокирана сметка поради долгови, за што Владата, како и за други општини со идентичен проблем, префрлаше средства од централниот буџет за покривање на долговите.

Името на Рамиз Мерко во јавноста се реактуализира минатото лето кога американскиот Стејт департмент го стави на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција.

 

Против струшкиот градоначалник, Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинение и дека пред две години незаконски именувал в.д. директор на основно училиште во селото Лабуништа.

Според Обвинителството, против Mерко е поднесен обвинителен предлог, односно предметот ќе оди по скратена постапка, за кривичното дело несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.

Ставот 1 за ова кривично дело предвидува затворска казна од три месеци до три години.

Back to top button
Close