Студентскиот дом во Охрид ги отвори вратите: во летната сезона за туристите, во остантиот период од годината – за академците

Студентските домови во Македонија беа затворени веднаш со појавата на првите случаи од заразата со вирусот Ковид 19.  Исклучок беше Студентскиот дом “Никола Карев” во Охрид, кој, во текот на летната туристичка сезона, традиционално, добива улога на сместувачки капацитет од отворен тип. Подеднакво се сместуваат и домашни и странски гости.

Оваа година, доминираа домашните гости, иако во еден период имаше поголема група гости од Полска, како и  поединечни и семејсни посети на гости од Србија и другите соседни земји. 

Од почетокот на месецов, академските граѓани повторно се  враќаат во студентските домови, што е случај и со домот во Охрид, но во нови услови, согласно протоколите кои ги налага пандемијата со корона вирусот.Тука се сместуваат студентите од Факултетот за угостителство и туризам, односно Факултетот за информатички технологии.

Студентското собрание, веќе се обрати со апел строго да се почитуваат сите протоколи како што беше счучај и за време на испитните сесии, нагласувајќи дека со тоа ќе се минимизира ризикот за ширење на вирусот.

Особено што, претходно, во текот на летото порастот на бројот на новозаболени се доведуваше во врска и со младите и нивното непочитување на протоколите на плажите и на разни забави или на некои масовни дружења.

Домот е подготвен за новиот начин на живеење за да го гарантираат здрвјето на студентите на највиско ниво, вели  директорот на охридскиот дом, Жарко Куционоски. Додава дека протоколите кои ги налага Комисијата за заштита од заразни болести, кај нив континуирано се применуваат, од појавата на пандемијата. Редовно се користат дезинфекциски средства, хигиената е приоритет, дистанцата исто така, во ресторанот се внимава да седнуваат по двајца на маса.

-Сезоната ја минавме релативно добро, со оглед на ситуацијата во која се најдовме.На почетокот од летото, Охрид беше празен, но, од втората половина на јули и во текот на август месец, интересот нагло порасна. Ние тоа го искористивме. Ја искористивме и можноста да сместуваме гости со туристички ваучери, до вредност од 6.000 денари, додава Куциноски.

Иако е тоа институција под владина капа, вработените, 25 на број, прифатиле лебот да си го вадат самите. Покрај што можат да сместат блузу двесте гости, секојдневно, подготвуваат и делат топол оброк за 50 до 70 недоволно згрижени сограѓани – социјални случаи. За да го постигнат тоа, посебно внимание посветуваат на кујната, во која ангажираат по тројца кувари во две смени.

Студентскиот дом во Охрид, се одликува со тоа што е тоа хотелски објект, на самиот езерски брег. До приватизацијата, домот беше дел од комплексот “Палас”, како новоизграден дополнителен депанданс.

Уреденоста  на хотелските соби, двокреветни и трокреветни, во споредба со другите домови во земјата, навистина е надстандардна. Сосема се прифатливи и за летни гости, мегутоа, неопхопдно им е осовременување, со цел да се искористи местоположбата и атрактивноста.

Вработените тоа не можат да го направат сами. Државата тука треба да им прискокне во помош, со една нова, поцелисходна рационална политика. 

На пример. Доволно е средствата што од буџетот се издвојуваат, преку Министерството за култура, само до вредноста за сместување на учесниците на фестивалот “Охридско лето”, наменски да се искористат во преуредување на собите. Тогаш, ќе се подигнат стандардите и ќе нема потреба од сместување во скапи хотели.

А не е само Охридското лето.Тука се бројни други манифестации од сферата на културата, спортот, образованието и слично. Ете како државата може да им помогне на вработените, истовремено, да си помогне и самата себе си.

Веле Митаноски

Back to top button
Close