Суд во Иран осуди две новинарки на повеќегодишни затворски казни поради соработка со американската влада

Суд во Иран осуди две новинарки на неколку години затвор поради „соработка“ со американската влада, објавија денеска локалните медиуми.

И двете се во затвор веќе една година по нивното известување за смртта на Махса Амини додека беше во полициски притвор во септември 2022 година.

Нилуфар Хамеди, која ја објави веста за смртта на Амина, и Елахе Мохамади, која пишуваше за нејзиниот погреб, се осудени на седум, односно шест години затвор.

Револуционерниот суд во Техеран ги обвини за „соработка со непријателската американска влада“, „заговор против националната безбедност“ и „пропаганда против системот“.

И двете можат да се жалат на првостепената пресуда во рок од 20 дена.

Хамеди работеше за реформистичкиот весник „Шарг“, додека Мохамади за Хам-Михан.

Во мај, Обединетите нации им доделија награда за слобода на печатот „за нивната посветеност на вистината и одговорноста“.

Смртта на Махса Амини предизвика повеќемесечни протести во десетици градови низ Иран. Демонстрациите претставуваа еден од најсериозните предизвици за Исламската Република.

Од почетокот на протестите, според активистите за човекови права во Иран, најмалку 529 луѓе се убиени во демонстрациите. Се проценува дека властите привеле повеќе од 19.700 луѓе.

Back to top button
Close