Суди го ближниот свој. Во ова ја претвори МПЦ суштинската христијанска идеја за љубов.

Она што елементарно ми пречи во однос на религиите е што не поддржуваат градење на автономни личности кои ќе ја преземат контролата и одговорноста за тоа како да го водат својот живот, туку треба да се бара „одобрување“ или дозвола „одозгора“.

Сериозно ли треба некој отец да одобри како да постам, со кого да водам љубов, како да се чувствувам и за кого да чувствувам?

Ќе го позајмам концептот на трансакциска (психо)анализа за да ја илустрирам ситуацијата. Секој од нас има дете во себе, возрасен во себе и родител во себе.

– Детето може да е послушно (но, во одреден момент кога не може да го издржи притисокот да испoлнува туѓи очекувања и да слуша, станува бунтовно) или слободно (што секој од нас е добро да го негува).

– Возрасниот е рационален, одговорен и со контрола врз својот живот.

– Родителот може да е негувачки или критички (зависно што интернализирал човекот, главно кога бил дете).

 

🎯Зрелоста и патот до автономија не се случува со наполнување 18 години кога станува човек полнолетен. Тоа се постигнува низ процес на развој на идентитетот, кога ќе стане свесен за моќта на правото на избор и одлука, ќе ја поседува контролата врз својот живот и делување и ќе преземе одговорност за тоа. Ќе стане автономен и слободен. Креатор на својата судбина.

 

Најголемиот број на психички тегоби се тескобите кои настануваат кога човек не се чувствува автентичен и свој и мора да го потиснува емоциите и потребите за да исполнува туѓи очекувања и општествено прифатени модели на однесување.

 

Цврквата тука се поставува како родител кои на своите „чеда“ им го покажува патот, им простува гревови и се грижи за нив. А верниците треба да се деца кои не пораснале за да имаат автономија да одлучат што за нив и личната благосостојба е добро и да делуваат во таа насока, туку сакаат родител што ќе ја преземе одговорноста за нив. Наместо со полна одговорност за својот живот и постапки да ги уживаат плодовите од својата слобода. И тоа е нивно право, да останат „деца“.

 

Ние генерално имаме проблем со воспитување и едукација на децата кои остануваат деца и по 18 години.

Затоа секогаш друг ни е виновен. Его-состојба на дете лесно се препознава по тоа што детето е жртва и нема моќ да ги промени работите или да се постави кон околностите, па ги обвинува другите за сопствената ситуација на немоќ.

 

Среќен човек, од друга страна, е оној кој се чувствува слободен и прифатен да го дизајнира својот живот според сопствена визија, секако во рамки на она што го дозволуваат законите кои го штитат и правото на останатите да се чувствуваат слободни и безбедни.

 

Е тука е клучната замка. Правото и правдата низ вековите се подобрувале во насока на проширување на правата на луѓето. Бидејќи „нормите“ на однесување ги пропишува 68% од мнозинството (гаусова крива), а нам во општеството ни требаат ресурсите на сите 100% од населението.

 

Ако некому му се прошират човековите права да се чувствува како што се чувствува, од тие права општеството може само да профитира од еден посреќен човек кој ќе инвестира во тоа општество. Тоа не им го скратува правото на другите да се чувствуваат како што се чувствуваат.

Искрено мислев дека дебатата за сексуална определба и родова определба ќе одат чекор понапред во прифаќањето и веќе нема да се делиме на ЛГБТ и хертеросексуалци. Искрено не би се чувствувала убаво некој да ме претставува, таа е Ида, пријателка ми е и е хетеросексуалка. Јас сум многу повеќе од мојата сексуална определба. Така и за оној кој одбрал да сака некого од ист пол, има многу поубави начини да го претставите освен дека е ЛГБТ.

Наместо да се групираме, да почнеме да се прифаќаме и да се поддржуваме во убавината на нашата различност која носи богатство од ресурси.

Љубовта е она што не дефинира како луѓе. Најсуштинската хуманост. Прашајте го Чат ЏиПиТи дали знае да сака? Наместо да ја негуваме љубовта ние сакаме да ја нормираме.

 

Кога суди го ближниот свој ќе премине во љуби го ближниот свој, ќе има поголем простор за среќа и личен просперитет.

📌Конечно, проблемот во земјата не се луѓето на кои им е скратено правото на родова определба. Проблемот е ендемската корупција која им го ускратува правото на 90% од населението на квалитетни услуги, вистински приоритети во распределбата на буџетот и еднакви можности. Кога би биле доволно возрасни да го согледаме тоа.

Ида Протугер

Back to top button
Close