Судот го прифати супервештачењето за случајот Веапоска, ќе се презентира извештајот на 16 мај


Судот во Струга го прифати супервештачењето од вештите лица избрани од судско медицински одбор при Медицинскиот факултет од Скопје за случајот со родилката Јилдз Веапоска од Дебар, на која по породување со царски рез во Болницата во Струга и биле отстранети матка, јајник и бубрег. Судскиот процес против тројцата лекари гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, ќе продолжи на 16 мај со презентација на извештајот од страна на тројца вештаци.

Судечкиот судија Јордан Јованов го отфрли предлогот на адвокатот Игор Петкоски за изземање на вештите лица и изработка на ново супервештачење.

– Според она што го имам примано како податок е дека се почитувани процедурите при изборот на вештите лица, имало откажување, имало прифаќање од други лица, дека тие составиле комисија зад чија одговорност стојат и тврдат дека тоа што е направено е непристрасно и професионално. Суштината на вештачењето ќе биде изнесено на наредното рочиште, појасни Јованов.

Апсолутната застареност на делото е во 2026 година, но тој очекува скора разрешница на случајот.

– Ние сега ќе ги сослушаме вештите лица, понатаму останува одбраната да го даде своето произнесување и тука ќе дојдеме до разрешница на случајот, изјави Јованов.

Јавната обвинителка Ермира Муса-Нура реагираше на барањето на одбраната на еден од обвинетите за ново супервештачење со забелешка дека приговара и врти околу супервештачењето.

– Судот го одби приговорот, бидеќи супервештачењето е доставено од установа онака како што предвидува Законот за кривична постапка и супервештачењето е изготвено согласно тој закон и законот за вештачење, во установа каде се вработени најмалку двајца вештаци со лиценца. Ова го предвидува законот и супер вештачењето е изготвено согласно закон, истакна Муса – Нура.

За одбраната на оштетената Веапоска, Сашо Јанев, сега почнува вистинското судење со изведување докази и распит на вештите лица.

– Сега почнуваме со вистинското судење, изведување на доказите, распитот на вештите лица, потврдување на нивното знаење, умеење и се она што го нашле во супервештачењето и осудителна пресуда, рече Јанев.

Веапоска пак очекува правда, и, како што нагласи, после четири години во судот, прв пат чувствува дека ќе има правда.

Судскиот процес за случајот Веапоска каде обвинети се тројцата лекари гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, почна пред три години. Три пати почнуваше од почеток поради менување на судечките судии, а делото застарува во 2026 година.

Back to top button
Close