Судскиот совет ќе го проверува случајот „Таргет-Тврдина“, но и „Трезор“, „Транспортер“ и „Алфа“

Судскиот совет денеска на итна седница донесе заклучок Апелацискиот суд Скопје да го посети работна група и да провери дали има процесна повреда во одлучувањето за одредени предмети, дали имало одолговлекување, дали одлучувале судии кои не смееле бидејќи биле пензионирани…

Прв на листата е случајот „Таргет-Тврдина“ за кој во петокот Апелација соопшти дека ја укинува одлуката, но претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, предложи во заклучокот да се сместат уште два други предмети за проверка: „Трезор“, каде што исто како и со „Таргет-Тврдина“ беше укината пресуда пред околу три недели, а меѓу обвинетите е Сашо Мијалков, како и случајот „Транспортер“, кој се однесува на злоупотреби при превозот на ученици во Битола, а обвинет е ексградоначалникот Владимир Талевски.

Транспортер“, рече Дамева повикувајќи се на информации од медиумите, повеќе од две години и неколку месеци се наоѓа во Апелација и нема одлука.

На предлог на заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, на списокот се додаде и случајот „Алфа“ за убиството на полицаецот кај ПМФ.

Во посета ќе оди работната група од тројца членови на Судскиот совет, која според годишниот распоред е задолжена за следење на работата на Апелација, на чело со Тања Чачарова, а во чиј состав се и Мирјана Радевска Стевкова и Мери Радева.Судијката Радева денеска беше назначена да биде дел од оваа група на место на судијата Зоран Герсимовски бидејќи, како што беше објаснето, Судскиот совет сака да избегне евентуален сомнеж за пристрасно постапување.

Back to top button
Close