Сведок на пожарот во „Пулс“: За пиротехниката доаѓаше човек од Скопје, вечерта тој не беше во „Пулс“
Сведокот Петар Марковски на денешното судско рочиште за пожарот во „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени рече дека успеал да се спаси, но и ден-денеска има последици – оштетени му се дишните органи.

На прашања на Обвинителството рече дека бил чест гостин во „Пулс“.
Рече дека вечерта билети купиле од Тодор Јованов, братот на сопственикот на Пулс, Дејан Јованов-Деко, а од обезбедувањето вечерта биле присутни Лазар Захариев, Мартин Ѓеорѓиев, Ивица, чие презиме не го знае, и уште едно лице.
На прашање на обвинителот тој го опиша влезот во дискотеката , а за вратата зад шанкот, кажа дека се користела како излез за малолетници при полициски рации.
За пиротехниката, тој кажа дека се користела и претходно, најмалку десетина пати кога тој бил гостин во „Пулс“. Прашан да ги опише овие пиротехнички средства, рече дека биле во вид на прскалки, а за критичната вечер рече дека на почетокот се било, како што кажа, регуларно.
„Се беше регуларно, се до момент кога предложив да одиме да пиеме пијачка на шанкот, кога во тој момент се вклучија прскалките. Мислам дека беше околу 2.30.часот. Почна да гори плафонот. Во тој момент настана паника и луѓето почнаа да се движат кон излезот. Пожарот се ширеше со голема брзина бидејќи целиот плафон беше со сунѓер” – кажа Марковски.
Рече дека во тој момент настанала паника и сите оделе кон главниот влез.
„Сите беа во паника и пред вратата се создаде стампедо при кое јас се онесвестив и по неколку минути ме разбуди девојче што ме познава. Врз мене имаше три лица кои исто така беа онесвестени и бев заглавен под нив. Морав да ги соблечам патиките за да станам. Потоа продолжив кон излезот. Во тој момент моите другари почнаа да викаат кон мене за помош бидејќи еден од најдобрите другари лежеше на паркингот пред дискотеката. Во исто време помагав на сите на кои им беше потребна помош. По неколку минути се упативме кон болницата за да помагаме таму бидејќи гледавме и знаевме дека е хаос” – рече сведокот.
На прашањето дали некој ги упатувал како да го напуштат објектот, сведокот одговори негативно.
По него сведочеше, Дејан Манасиев кој од 2012 година работел како шанкер во „Пулс“.
Манасиев, одговарајќи на прашања на обвинителот, рече дека не видел кој ја внел и кој ја активирал пиротехниката. Кажа дека на претходните настани во кои се користела пиротехника, доаѓал човек од Скопје со бела коса, кој ја поставувал. Критичната вечер тој човек не бил присутен во Пулс (fokus.mk)






