Сведоштво на син чија мајка починала од карцином: Во приватна болница, наместо аналгетици ѝ ставиле само физиолошки за да проверат дали навистина има болки!
Дарјан Петров, актер кој потекнува од медицинско семејство, чија мајка докторка починала од карцином на дојка, денеска пред пратениците кои се дел од Анкетната комисија за скандалот Онкологија објасни низ каква голгота поминало неговото семејство.
-Во 2015 година од медицинските кругови добивме информација по секоја цена да ја избегнеме хемотерапијата која се дава на Онкологија поради неквалитет. Подоцна, во 2019, ја купувавме терапијата од странство, од Франција а во Македонија само ѝ беше аплицирана бидејќи на клиниката ја немаше, рече меѓу другото Петров.
Тој истакна дека доктор Џозеф Глигоров од Париз се јавувал на Клиниката за онкологија, за на пациентката да ѝ се обезбеди терапија која ѝ следувала, зашто претходно ѝ кажувале дека ја нема.
-Нему не смееа да му речат не. Тоа беше разликата, а претходно имаше информација дека ја нема, рече Петров.
На приватна клиника во екот на пандемијата со коронавирусот, во 2020 година, Петров сведочеше дека се случило нешто скандалозно со неговата мајка.