Сведоштво на жртва на психичко насилство: „Трпев насилство 17 години, , 4 години не ја видов мајка ми, два месеца носев мртво бебе затоа што не ми даваа да абортирам“
Податоците од институциите покажуваат дека проблемот со насилството врз жените во Македонија е далеку од решен. Само во текот на последните две недели, Министерството за внатрешни работи поднесе 21 кривична пријава за сторени вкупно 25 кривични дела во врска со семејно насилство, од кои шест кривични пријави се поднесени по брза постапка.
Мила, жртва на семејно насилство и мајка на две малолетни деца, решила за „Фокус“ да ги раскаже траумите од 17-годишниот брак, на кој се обидува речиси цела година да му стави крај.

И самата како дете била жртва на семејно насилство. Татко ѝ пиел премногу и ја малтретирал Мила, брат ѝ, и мајка ѝ. Мила вели дека тогашниот сопруг се оженил оти го терале неговите, а таа се омажила оти бегала од проблеми што ги имала дома и барала мир. Мислејќи дека ќе најде мир на своите 21 година, таа наишла на уште поголем пекол.
–Јас, четири години не смеев да се слушнам со мајка ми, ниту ми беше дозволено да ја видам. Јас сум живеела во такво семејство и не сакав моите деца да го проживеат тоа. Затоа и се решив да пријавам и да ставам крај на малтретирањето, вели нашата соговорничка.
Мила, со години, трпела психичко и економско насилство, не само од сопругот, туку и од неговите родители. А, овие два вида насилство се и најтешки да се препознаат.
–На почетокот од бракот бев присилена да работам на нива, не смеев да работам друго, не смеев да се дружам со никого. Но, си реков дека така требало да биде, сепак тогаш имав само 21 година. Ми беше многу тешко затоа што ништо не се смени. Загубив едно дете. Имав ризична бременост и требаше да лежам и да внимавам на себе, но мајката на сопругот ми рече дека тоа не е ништо и ме натера да одам на нива со зборовите „јас сум одела по нивите и ти ќе одиш“. Станав да работам и го загубив бебето. Два месеца го носев мртво затоа што не ми дозволуваа абортус и едвај останав жива. Првиот збор на свекорот по случајот беше „што ти рекоа, сега можеш ли да раѓаш?“. Минував низ пекол, не ми даваа пари ниту за лекар, се присети Мила.
По две години, родила син. Наместо да мирува 40 дена, Мила била присилена да стои на мешалка за бетон.
–Големиот син е 12 години, помина низ трауми и ќотек, не знам друго дете дали тоа го поминало. Кога требаше детето да спие и јас да спијам, ми наоѓаа некоја работа за да ме држат будна и преморена. По две години од неговото раѓање, останав бремена со малиот. Не сакав да го родам поради малтретирањето, но сопругот и неговите родители не ми дозволија да абортирам. Повторно имав патолошка бременост и едвај останавме живи со бебето на породување затоа што ми застана срцето, раскажува Мила.
Кога бебето направило 40 дена, начекала момент да биде сама и си заминала „гола и боса“ заедно со двете деца кај нејзината мајка.
Таа пријавила во полиција од каде што ѝ кажале да не отвара врата никому додека не пристигнат службеници, но сопругот и родителите биле побрзи. Дошле, ѝ ги одзеле децата и избегале.
–Пријавив во полиција. Некако по 24 часа успеавме да го земеме бебето, а службите од ЦСР, поголемиот син ми го вратија таму затоа што наводно татко му сакал да си го одзеде животот без него. Но, тој плачеше премногу и јас по една недела морав поради него да се вратам, вели Мила.
СТАНАЛА ЖРТВА И НА ЕКОНОМСКО НАСИЛСТВО
Сепак, проблемите продолжиле, а, освен психичкото насилство, станала жртва и на економско насилство.
–Кога децата наполнија 4 и 2 години, конечно добив дозвола од нив да работам. Но, кредитно ме задолжија. Подигнав кредити за да се купат трактор, автомобил и за тоа на момент помислив дека има надеж и дека ќе може да се средиме како семејство. Но, неговите родители, всушност, доминираа во нашиот брак, а сопругот беше под силно влијание на мајка му. Сопругот замина на работа во Германија, а јас работев на смени. Речиси сите средства што ги испраќаше завршуваа кај неговите родители, а ние ги добивавме трошките. Тогаш одлучив дека нашите деца не треба да бидат жртви затоа што неговите родители не мислеле за својата иднина и на 30 мај 2025 година се вратив со децата дома кај мајка ми, раскажува соговорничката.
…






