Таинствен “златен“ глас в понеделник одлучува за судбината на црногорската Влада

Сигурен сум дека ќе имаме доволно гласови или ќе обезбедиме политички договор црногорската Влада да падне во понеделник, изјави синоќа  првиот човек на опозициската СДП, Рашко Коњевиќ, кој кон крајот на ноември ја поднесе иницијативата за гласање недоверба на владата на премиерот Здравко Кривокапиќ.

На овој начин Коњевиќ ги подгреа сомнежите на црногорските владини функционери кои веќе две недели се прашуваат – кој ќе биде „предавникот“ на седницата закажана за 12 декември.

За соборување на владата на Кривокапиќ потребни се 41 глас во црногорскиот Парламент.

Опозицијата предводена од ДПС, на претседателот Мило Ѓукановиќ, има 40 пратеници, а владините претставници ја обвинуваат дека е подготвена да плати десетици милиони евра за „златниот глас“.

Сомнежот го повтори и самиот премиер Кривокапиќ, кој изјави дека неговата влада не може да ја потресат ниту оние кои во моментов преговараат со десетици милиони евра за изневерување на изборната волја на граѓаните.

-Не случајно реков дека 200 милиони евра претходно биле насочени од буџетот кон некои чудни текови. Ако некој можел да пренасочи 200 милиони, тоа значи дека е заинтересиран да го врати тоа што го вложил со промена на волјата на граѓаните, рече Кривокапиќ.

Опозицијата, која на 29 ноември поднесе предлог до парламентот за распуштање на владата, не одговори на обвинувањата на Кривокапиќ, но повтори дека веруваат дека неговата влада ќе падне во понеделник.

Рашко Коњевиќ од СДП изјави дека иницијативата на опозицијата да и се изгласа недоверба на владата не е само поттикната од желбата за нејзино соборување, туку и од желбата конечно да се потврди кој ја поддржува таквата влада.

Во предлогот за разрешување на владата, поднесен до црногорскиот Парламент кон крајот на ноември од членовите на Демократската партија на социјалистите, албанските национални партии, Бошњачката партија, СДП и социјалдемократите, се наведува дека Црна Гора е доведена во најголемата политичка и институционална криза од воведувањето на повеќепартискиот систем.

Во случај владата на Здравко Кривокапиќ да падне во понеделник, политичките кругови ја споменуваат можноста за формирање малцинска влада што ќе биде поддржана од пратениците на Обединетата реформска акција (УРА) на Дритан Абазовиќ, а во која нема да учествува ДПС на Мило Ѓукановиќ

Back to top button
Close