Тасулас: ЕУ перспективата на Западен Балкан ќе придонесе за консолидација на стабилноста, мирот и динамиката на развој во регионот

Со проширувањето на ЕУ ќе се зајакне самодовербата на Европската Унија во целина со тоа што во своите редови ќе ги внесе земјите од Западен Балкан, кои денес докажуваат, слушајќи гласови на сомнеж, дека Европската Унија е висока цел, голема идеја за земјите од Балканот, порача претседателот на Грција Константинос Тасулас, по средбата со неговиот црногорски колега Јаков Милатовиќ, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот претседател е во дводневна официјална посета на Црна Гора, а по средбата со Милатовиќ и одговарајќи на новинарско прашање за европската перспектива на регионот и како Грција може да помогне, Тасулас потсети дека во 2003 година беше усвоена Солунската агенда за Западен Балкан.

– Сигурни сум дека оваа перспектива ќе придонесе решително за консолидација на стабилноста, мирот и динамиката на развој во регионот на Западен Балкан. Исто така, оваа перспектива, како што станува сè поизводлива кај нашите соседи ќе создаде атмосфера, чувство, амбиција за забрзување на активности и она што е во нивни раце како обврска за усогласување со европското законодавство, за да ги надминат старите навики од балканското минато, да ги надминат националистичките искушенија или ревизионистички искушенија, што ги поткопуваат стабилноста и мирот во регионот, рече Тасулас.

Нагласи дека и за време на следното грчко претседателство со ЕУ во втората половина на 2027 година Грција „ќе вложи максимални напори за забрзување“ на процесите за интеграција и за Црна Гора „и очигледно на сите други земји“.

– Причините не се само економски, ниту само причини за усогласување или геостратешки. Станува збор и за длабоко политички причини и за причини поврзани со стабилизација во услови на можната нестабилност која постои денес, како и за справување со појавите на разочараност што постојат кај народите на Западен Балкан во овој долг временски период што помина од Солун до денес. А сите знаеме какви непријатни последици може да има едно силно разочарување врз однесувањето на народите и колку лесно тоа разочарување паѓа во рацете на популизмот или демагогијата и се претвора од разочарување во антиевропски став. Затоа нашата земја, од економски причини, од причини за просперитет, од геостратешки причини, но и од причини што се поврзани со неодамнешни случувања кои гледаме дека ја оспоруваат тежината и перспективата на Европската унија на меѓународната сцена, ги поддржува овие напори за проширување, рече грчкиот претседател.

Back to top button
Close