Таткото на Надица од Кочани, на денот кога требаше да слави матура: Денес требаше да славиш. Да живееш. А јас, останав со љубов што нема каде да ја оставам и со гордост што никогаш нема да згасне

Александар Наунов, таткото нa Надица, која лани на 16 март загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, не може да ја преболи смртта на својата ќерка..

А Надица, чиј живот згасна на само 17 години, сега ќе беше матурантка..

На денот кога нејзините соученици славеа матура, Александар објави фотографија на својот Фејсбук и емотивна порака посветена на ќерка си.

„Денес требаше да ја славиш твојата школска матура, ќерко моја.

Требаше домот да биде полн со смеа, музика и возбуда. Требаше да те гледам како се подготвуваш, како со блесок во очите го чекаш денот што секое младо срце го сонува.

Требаше да ти кажувам колку си убава, а ти да ми велиш да не се грижам и дека сè ќе биде совршено.

Требаше денес да стојам гордо покрај тебе, да го чувам во срцето секој твој чекор, секоја насмевка, секој миг од твојата младост.

Да гледам како животот ти се отвора пред тебе, а не да стојам пред тишината што остана зад тебе.

Но, наместо радост, денес во мене има само празнина што не престанува да боли.

Наместо да слушам музика и детска смеа, ја слушам тишината што ме прогонува откако те нема.

Ќерко моја, најмногу боли што не ти беше дадено да ги доживееш деновите што ги заслужуваше.

Твојата младост, твоите соништа, твојата среќа – сè беше прекинато прерано.

Денес требаше да славиш. Да играш. Да се смееш. Да живееш.

А јас, како татко, останав со љубов што нема каде да ја оставам и со гордост што никогаш нема да згасне.

Те сакам бескрајно. И каде и да си, за мене засекогаш ќе бидеш мојата најубава матурантка“, напиша тој.

Back to top button
Close