Русија се повлече од Европската конвенција против тортура


Русија официјално се повлече од Европската конвенција против тортура, која според Советот на Европа го прекинува сето независно следење на руските затвори, пренесе ДПА.

Повлекувањето значи дека комитетот против тортура повеќе не може да проверува како се третираат затворениците во Русија.

Москва минатата година објави дека сака да ја напушти конвенцијата, а сега стапи на сила оваа нивна одлука за повлекување.

Иако Русија е членка на конвенцијата од крајот на 1990-тите, активистите за граѓански права постојано се жалат дека тортурата и понижувачкиот третман се широко распространети во руските полициски станици и притворски центри. Речиси сите украински воени затвореници кои биле ослободени во размена, исто така, пријавиле тортура во Русија, потсетува германската агенција.

Во 30 патувања и контроли помеѓу 1998 и 2021 година комитетот против тортура посетил 450 притворски центри и соопшти дека Русија е единствената земја што речиси никогаш не дозволила да се објавуваат извештаи за посетите. Комитетот, сепак, успеал да објави само четири извештаи за свои посети.

По почетокот на руската војна против Украина, комитетот изјави дека повеќе не му е дозволено да врши никакви посети.

Ова тело на СЕ изјави дека постојано добивало извештаи за тортура и злоупотреба во Русија и во областите на Украина окупирани од Русија.

Европската конвенција за спречување на тортура, која датира од крајот на 1980-тите, е дел од договорната рамка на Советот на Европа, најголемата меѓувладина организација за човекови права во Европа.

Поради војната во Украина, Русија беше исклучена од Советот на Европа во 2022 година, потсетува ДПА.

Back to top button
Close