Театарот за деца и младинци со претставата „Касета“ на Фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица
Театарот за деца и младинци со претставата „Касета“, работена според истоимената драма на Денис Магнусон, во режија на Бесфорт Идризи, утревечер ќе гостува на 28. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.
Од Театарот соопштија дека претставата говори за тинејџерката Тува, која не може да најде заеднички јазик со својот татко, за кој има мислење дека е многу здодевен и ништо не разбира.
Претставата е закажана со почеток во 20 часот. „Касета“ има повеќе важни аспекти за младата публика. Од една страна открива цел еден музички свет, но истовремено од друга страна, се фокусира на семејните односи. Ова е една од неколкуте младински претстави на нашиот театар, посочуваат од Театарот за деца и младинци.
Во претставата играат: Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Винета Дамческа Мојаноска, Мартин Јорданоски и Ненад Митевски.
Сценографијата е на Енес Деари, костимографијата е на Роза Трајческа Ристовска, а музиката е на Игор Василев – Новоградска.