Техеран ја обвини Украина за напад врз ирански брод во Каспиското Море

Иран ја обвини Украина за напад врз ирански трговски брод во Каспиското Море во саботата наутро, при што загина еден морнар, а еден беше повреден, објави денеска иранската новинска агенција ИРНА.
Според агенцијата, која се повикува на иранското Министерство за надворешни работи, нападот бил предизвикан од експлозија на бродот.
– Нападот извршен од украинскиот режим врз ирански трговски брод во Каспиското Море, за кој шефот на тој режим експлицитно ја презеде одговорноста, го демонстрира континуираниот ирационален и непријателски став на украинскиот режим кон Иран, се вели во во соопштението од иранското МНР.
Исламската Република „никогаш не интервенирала во конфликтот меѓу Русија и Украина“, нагласува иранското министерство.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави на социјалните мрежи во саботата дека постигнал „многу солидни резултати со напади со долг дострел во Каспиското Море, насочени кон бродови што се користат за транспорт на воен товар во кој е вклучен Иран“.
Украинските разузнавачки служби соопштија дека нападите со беспилотни летала биле насочени кон „меѓународно санкционирани товарни бродови што се користат за транспорт на воен товар меѓу Иран и Русија“.
Според иранската државна телевизија, вршителот на должноста амбасадор на украинската амбасада во Техеран бил повикан во Министерството за надворешни работи во саботата за да разговара за „непријателскиот и криминален чин“.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во телефонски разговор со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, повика на „решителен одговор од ЕУ и Советот за безбедност на ОН на овој напад“, објави ИРНА






