Тензиите во ДУИ ги јакнат „акциите“ на Алијанса

„Огнената група“ во ДУИ смета дека владејачкото мнозинството е стабилно и дека нема причина за влез на Алијанса за Албанците  во Владата, но токму активностите на оваа група – која има тројца пратеници во парламентот, ја зголемува неизвесноста околу одржливоста на мнозинството. Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, кој е дел од „Огнените“, за медиумите изјави дека тие се противат на влезот на Алијанса за Албанците во Владата, затоа што сметаат дека тоа би било само за спас на Артан Груби.

„Непотребни се некои движења деновиве што се случуваат, бидејќи има стабилно мнозинство и сѐ друго е во функција да се спаси Артан Груби. Нема ништо заедничко со интересите на граѓаните, со интегративниот процес, со уставните промени, туку се ова е акробација во функција да се спаси ова, зборувам за делот на ДУИ, кој е нелегитимен кај народот. Но, нивна одлука е (на АА – нз.з)  и ако одлучат така, ќе бидат патерица на Артан Груби“, рече синоќа Меџити.

Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити (архивска фотографија)Фотографија: DW

Наследството ставено на тест

Претходно, во преполната сала на Македонскиот нареден театар, во рамки на серијата средби со граѓаните, Меџити се обрати пред партискиот подмладок, објаснувајќи зошто некои министри на ДУИ треба да заминат од владата. Опишувајќи ја ДУИ како политичка сила која 20 години е синоним за достоинството, интегритетот, застапеноста и почитувањето на Албанците, рече дека тоа наследство денес е ставено на тест.

„Овие вредности кои беа карактеристични за ДУИ денес се засенети од лични агенди и се претворени во пазар за интересите на политичките кариери на поединци, кои не ја знаат основната идеја на нашата организација, не го познаваат карактерот на нашето семејство, не ја разбираат филозофијата на нашата партија и не ја поднесуваат мудроста на нашиот лидер“, рече Меџити.

Според него, ДУИ не е поделена, туку на една страна е оригиналната идеја на ДУИ, а на друга страна узурпаторот на партијата, Артан Груби.

Организацискиот секретар Блерим Беџети пред младите истакна дека ќе бидат фокусирани на зајакнување на ДУИ, за да ја ослободат од узурпаторите и злонамерниците.

Во исто време, Ахмети на средба со граѓаните под мотото „Заедно за Европа“, изнесе најголеми пофалби токму за првиот вицепремиер Артан Груби, и за министерот за надворешни работи Бујар Oсмани.

„Јас се радувам и сум горд кога ми велат странците од Брисел и Вашингтон, дека тие се огледало на државата, на Владата и тоа ме облагородува, ме прави среќен и неуморен да продолжиме да чекориме напред. Во овие моменти додека зборуваме, Бујар Османи се враќа од Украина. Тој е министер за надворешни работи на речиси половина земјина топка, што значи дека сме успеале и тие инвестирања што сме ги направиле не се залудни“, порача Ахмети.

На прашањето од присутните дали би се повлекол заради единството во партијата, Артан Груби одговори дека за него тоа прашање е многу лесно: „Имаме само еден мисионер во нашата земја и застанавме зад овој мисионер и за мене нема двојни стандарди. Еве сме, нека ме видат моите деца, за мене зборот на Али Ахмети е последен“.

Ахмети во претходните денови децидно изјави дека нема да бара повлекување на Груби.

Меџити, пак, синоќа од МНТ му порачал на Груби – ако толку ја сака ДУИ, да се повлече – да поднесе оставка.

„Тоа може да го направи некој што го сака доброто на граѓаните, и без да биде министер“, пренесе „Шења“.

Зајакнување или загрозување на мнозинството?

Внатрепартиските тензии во актуелниот миг ги рекомпонираат приоритетите. Ако влезот на Алијанса за Албанците првично се сметаше за важен чекор во создавањето што поширок проевропски фронт за обезбедување мнозинство за уставни измени, актуелните тензии во ДУИ ја претворија таквата заложба во второстепен чекор, наспроти итниот – стабилизирање на мнозинството. На растегливоста на приоритетите, но и на принципите, вчера се осврна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Кога Алијансата за Албанците ќе вети уставни измени, без да го праша народот, тоа се вика лажење. Исто така, лажење е кога Таравари ќе стане градоначалник на Гостивар со гласови на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа ќе трча да влезе во Владата на ДУИ-СДС“, рече тој.

Постојат дилеми во која мерка зајакнувањето на мнозинството, истовремено може да предизвика и негово загрозување, со оглед дека не поминува без „математики“ колку позиции треба да отстапат коалициските партнери за евентуален влез на новиот субјект и од чија страна треба да бидат отстапени.

Дел од помалите партии и досега реагираа дека нова поделба на „владиниот колач“ нема да биде одраз на правична и соодветна застапеност во Владата, туку израз на голем етнички дисбаланс, и дека Владата не треба на тој начин да го плаќа „цехот” за состојбите во ДУИ.

Мал чекор, голем чекор

И Алтернатива, без која во 2021 беше невозможен опстанокот на владиното мнозинство, сега потсетува на нејзините заслуги. Секретарот на партијата, Зекирија Ибрахими потенцира дека неговата партија овозможила две држави, Северна Македонија и Албанија, да ги отворат преговорите со ЕУ.

„Ако Алтернатива не влезеше во 2021 година во Владата, тогаш ниту Северна Македонија, ниту Албанија немаше да ги започнат преговорите за влез во ЕУ. Одлуката на Алтернатива, како што би рекол Нил Армстронг, е мал чекор за Алтернатива, но голем чекор за Балканот“, изјави Ибрахими за ТВ 21.

Тој смета дека Алтернатива кај гласачите уште ја плаќа цената за влезот во Владата, а на коалициските партнери им порача да не се однесуваат со презир кон овој политички субјект, бидејќи одиграл важна улога во 2021 година.

Во најголемите партии од власта се надеваат дека со влезот на АА би се овоможило поспокојно, мнозински поддржано креирање на интеграциските политики, и зачеток на еден „проевропски фронт“ отворен за сите партии, или како што деновови се изрази Али Ахмети, создавање алијанса за Европа. Партиите здружени по иста основа – да продолжи интеграцискиот пат на РСМ кон ЕУ, би можел да биде и „скелетот“ за заеднички изборен настап на следните избори, но засега партиите не го коментираат овој аспект.

извор: ДВ 

Back to top button
Close