Тешки денови за Иларион Алфеев – Руската црква во сексуален скандал
Некогаш највлијателниот владика на руската црква, десна рака на Патријархот Кирил и исклучително важна личност во црковната дипломатија својата кариера ја завршува со секс скандал поврзан со неговиот ќелијар. Иларион Алфеев се најде во скандалозна приказна што ја раскажа и документира младо момче од Јапонија кое било дел од руската епархија во Будимпешта, каде Алфеев заврши непосредно по почетокот на руската воена агресија врз Украина, пишува Религија.мк.
Приказната на младиот Џорџ Сузуки ја објави „Нова газета Европа“, соделувајќи фотографии, видео и аудио записи за екс миленикот на патријархот Кирил, кој добил и унгарски пасош, станал сопственик на имоти во странство, луксузирање и секако секс скандалот поврзан со Сузуки, неговиот пријател од ќелијата.
Митрополитот Алфеев за „Нова газета Европа“, на обвинувањата од Џорџ Сузуки за сексуално вознемирување, тврди дека зад Џорџ стои жена која тврди дека е негова мајка и која се обидела да го уценува митрополитот, изнудувајќи надомест за морална штета наводно нанесена на нејзиниот син.
MОЌНИОТ ИЛАРИОН И ЌЕЛИЈАРОТ
Приказната почнува со една објава од Андреј Кураев, голем критичар на Кирил, кој објавува белешка со наслов „Спасување на Митрополитот Иларион“, наговестувајќи можен сексуален скандал околу него. Три дена подоцна РИА новости објавува текст „голема кражба во унгарската православна епархија“ со забелешка дека „изворот потенцира оти името на осомничениот не се објавува поради интерес на истрагата“. Подоцна се покажува дека тоа е Џорџ Сузуки поставен на потерница на унгарската полиција. Интересно е што момчето од фотографијата на потерницата претходно го има на сите фотографии каде се наоѓа и служи Иларион Алфеев.
Приказната што ја објавува „Нова газета Европа“ има седум епизоди и сите се поврзани за односот на митрополитот Алфеев со Сузуки. Во првата е објаснето како тие стануваат блиски соработници, откако Алфеев од втор човек во руската црква, заврши во најмалата европска епархија на РПЦ во Будимпешта. Во 2022 година, кога ненадејно одекна веста за неговата смена имаше различни толкувања. Едното беше дека тој е деградиран, поради неговите антивоени ставови за Украина, а втората дека всушност оди во Будимпешта каде треба да ги координира важните чекори на РПЦ во Европа кои би и биле потребни поради развојот на настаните, а Унгарија со Орбан е најсигурната линија за тоа. Алфеев тогаш само изјави: „Можете да сметате дека патот направи остро свртување и јас не се вклопив во него и излетав од патот“.
Митрополитот Иларион во Будимпешта лично го запознава 18 годишното православно момче од руско-јапонско семејство. Џорџ Сузука му се нуди да му служи како негов ќелијар, иако претходно се има допишувано со него. Постепено станува негов ученик.
Во својата изјава Сузуки вели дека на почеток со митрополитот комуницирал службено и дека живеел во своја посебна ќелија. По неколку недели Алфеев му понудил да се пресели во неговата ќелија за да му биде секогаш на помош. Во ноември 2022 година Иларион и Сузуки патуваат во Франција во куќа на женевско езеро, за која Џорџ тврди дека била на Митрополитот. Тука се случува и првиот физички контакт, откако Џорџ се разболел со треска, а митрополитот Иларион го соблекол и легнал до него во кревет со образложение да го загрее. Во сведочењето младиот Јапонец вели дека од тогаш редовно спиеле во исти кревет, но и дека до сексуален однос не дошло.
Според Сузуки, тој бил под постојан психолошки притисок, а во септември 2023 година, кога се обидел да изрази незадоволство, почнал да добива закани од Иларион: Митрополитот изјавил дека ако се разделат, младиот човек може да има проблеми.
По некое време, Сузуки го прашал митрополитот „Што ќе се случи ако го остави? – и го снимил одговорот на Иларион на аудио. На снимката Иларион вели дека Џорџ „ќе се чувствува лошо“ и „ништо нема да му оди“.
СУЗУКИ СЕ ДОКУМЕНТИРА
Оттогаш, Џорџ почнал почесто да снима што му се случува, наводно за да си ја осигури сопствената безбедност. На друга снимка, Иларион му забранува на Сузуки да носи пижами пред спиење. На снимките за кои уредниците на „Нова газета Европа“ велат дека ги имаат на располагање се слуша како Џорџ вели дека му е ладно, но Иларион одговара: „Не ти е ладно“. Или дека митрополитот вели дека сакал „да го почувствува со својата кожа“ и „да го положи како татко“. Неколку пати Џорџ ја заклучил собата – тогаш Иларион тропнал на вратата, а тој морал да ја отвори. Уредниците велат дека имаат видеоснимки од Иларион во долна облека како седи на кревет со речиси гол Сузуки.
Но, обвинувањата од Сузуки не се само за сексуално вознемирување врз него. Тој тврди дека Иларион Алфеев во Унгарија постојано своето слободно време го поминувал во забави.
– Има само едно формално канонско ограничување: не можете да пропуштите повеќе од три недели по ред во парохијата, за да не предизвикате непотребно сомневање кај парохијаните и обвинувања за кршење на Апостолското правило. Следејќи го ова правило, митрополитот ги планира своите тури со јахти и патувања до скијачките центри за да се врати навреме во Будимпешта за неделните служби. Некои од фотографиите што ги сподели Сузуки укажуваат на тоа дека тој самиот уживал во удобен живот со Иларион: заедно оделе во ресторани, одмарале во скијачките центри, а во слободно време младиот човек одел на пловење, пишува „Нова газета Европа“.
ЛУКСУЗ И ЗАБАВИ
За време на нивниот заеднички живот, телефонот на Сузуки собра докази за луксузниот живот на архиерејот. На пример, договор за купување на имот со површина од 2360 квадратни метри за 2.150.000 евра во предградијата на Будимпешта. Според договорот, замокот на Иларион има 14 соби, базен, теретана, винарска визба и паркинг за шест автомобили. На една од снимките што ги направил Џорџ, Иларион раскажува како ја продавал својата колекција скапо вино за да купи мебел за неговата куќа за 15 илјади евра. На друга снимка, Иларион вели дека добил пари за замокот од продажбата на неговиот стан на Арбат и донации од „спонзори“. Според Џорџ Иларион ги убедил своите спонзори дека со парите ќе се изгради скит, односно манастир. Иларион на снимката ја нарекува својата куќа „Скит“, но потоа се коригира и признава дека поседува „Замок“.
Иларион не негира дека е сопственик на имот во Унгарија. Тој тврди дека купувањето недвижен имот и неговиот не монашки начин на живот мора да се објаснат со „хонорарите“ што ги добивал за неговите многубројни книги и филмови, за кои „може да се прочита на Википедија“. Иларион наведува дека не добил спонзорски пари за купување на имот во Унгарија.
Во јануари 2024 година, Сузуки решил да избега. Откако го убеди Иларион дека треба да направи тест на крвта во Будимпешта, тој ја напушти парохиската територија, ја напушти земјата и се врати во Јапонија. Пред да замине, од куќата на Иларион зел скапи часовници и пари во вкупна вредност од 30 илјади евра. Сузуки тврди дека по многу месеци живеење во страв, тој не бил во можност разумно да ја процени ситуацијата и одлучил дека имајќи ги вредностите на Иларион ќе му помогне да избегне понатамошен притисок од митрополитот, што дури го пријавил во јапонската амбасада.
Она што следува подоцна, според сведочењата и доказите од Сузики се преписки меѓу Иларион и мајката на момчето, во кои Иларион нудел пари за да Сузуки заборави сè што се случило.