Тлото не мирува – серија афтершокови по земјотресот во Леуново

Земјотресот предизвика материјална штета на постари објекти, ја замати водата за пиење во Маврово и го затрупа со одрони патот кон Дебар. Интересот за земјотресите ги „урна“ и апликацијата и сајтот на „Ласт квејк“.

    

Серија земјотреси ги вознемирија денеска жителите на Северна Македонија, а тресењето на тлото беше почувствувано и во соседна Албанија, Косово, Србија и Црна Гора. Досега се регистрирани најмалку 7 земјотреси со јачина од 2,7 до 5 степени по Рихтеровата скала. Тресењето на тлото предизвика материјална штета на постари објекти, особено во западниот дел на земјата, каде граѓаните се пожалија дека им испукале ѕидовите во домовите. По денот поминат во неизвесност, тие стравуваат од уште една непроспиена ноќ.

Тресењето на тлото, кое започна уште рано изутрината, ги разбуди особено жителите на западниот дел на Македонија, каде е регистриран и епицентарот. Два потреси следуваа по првиот земјотрес, кој беше со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала со епицентар во селото Леуново, во мавровскиот регион, на 15 километри од Гостивар.

Во вториот по јачина земјотрес, кој околу 15:25 го погоди западниот дел на државата, настрада патот кон Дебар. Одрон од камења го блокираше патот кој го поврзува Дебар со Маврово. Екипи работат на отстранување на одронот и на нормализирање на сообраќајот, информираа од АМСМ.

Во Маврово, пак, земјотресот оштети и куќи, но и локалниот водовод. Водата за пиење е заматена поради што локалното комунално претпријатие упати известување дека водата не е безбедна за пиење. Месната заедница Галичник објави фотографии на кои се гледа како се оштетени куќи во ова село. Земјотресот предизвикал пукнатини во ѕидовите. Нема посериозни штети и урнати објекти, а не се пријавени ниту повредени.

Земјотресот посилен од хакерски напад

Големиот интерес за земјотресите ја урна апликацијата и веб-страницата „Ласт квејк“ на Европскиот медитерански сеизмолошки центар.
„Огромниот број информации по земјотресот во Северна Македонија имаше ист ефект како и хакерски напад, со стотици илјади пораки до нашите сервери за помалку од една минута“, објавија на Твитер од „Ласт квејк“.

„Овој земјотрес беше почувствуван во некои од земјите каде што ‘Ласт квејк’ е многу популарна: Албанија, Северна Македонија, Грција. Само во Албанија, имаме над 200.000 корисници. Верувајте, тоа е вистински предизвик. Се извинуваме и останете безбедни“, напишаа на Твитер.

Не е поврзан со полнење на Мавровското Езеро

Стопанската Комора за Енергетика на Македонија по земјотресот во Маврово кој рано утрово ги вознемири граѓаните во Скопје и во западниот дел од земјава, реагираше на својата официјална Фејсбук страница, дека земјотресот е последица на празното езеро кое сега наеднаш се полни, а тоа предизвикува оптеретување на земјините плочи и предизвикува притисок и поместување.

„Земјотресот од пет степени според Рихтервата скала, кој рано утрово се почувствува во земјава е нормална сеизмичка активност на раседот Дебар – Елбасан и не е поврзан со полнењето на Мавровското Езеро со вода, вели за „А1он“ професорот Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени. Според него, ваков земјотрес не е за изненадување.
„Тој расед Дебар- Гостивар- Елбасан е континуирано активна зона. Сметам дека е тектонски, не индуциран. Индуцирани земјотреси се појавуваат при нагло полнење или празнење на езерата, таков случај имавме на Козјак, но овде тлото е релаксирано, езерото постои долго време“, објаснува Гаревски.

извор: ДВ

Back to top button
Close