Тодоров негира дека „на слепо“ му ја потпишал специјализацијата на тик-ток анестезиологот


Лага е дека сум ја потпишал специјализацијата на анестезиологот Валтон Дервиши, без да биде претходно нострофицирана од лекарската комисија, вели поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во изјава за „Слободен печат“, откако медиуми објавија дека Дервиши два пати бил одбиен од лекарската комисија.

Тодоров вели дека ставил про-форма потпис на признавањето на специјализацијата на доктор Дервиши, откако комисијата од четворица доктори и еден правник дала позитивно мислење дека образованието на Дервиши од Косово е компатибилно со тоа во нашата држава.

Во документите од целата постапка е евидентно дека во записникот за признавање на странската специјализација, потпишани се тројца од петмина доктори. Двајца доктори не се потпишани, едниот поради тоа што бил во странство, а другиот од причини непознати за редакцијата.

Лекарот дипломирал на Приштинскиот универзитет во 2007 година, потоа почнал специјализација на Медицинскиот факултет во Скопје, но ја прекинал и ја продолжил специјализацијата во Приштина.

Тој беше уапсен и му е одредена мерка притвор откако на социјалната мрежа тик-ток се појави снимка со пациентки во тетовската гинекологија, што тој ја направил како дел од некаков предизвик.

Back to top button
Close