Торнадо ги погоди Тексас и Оклахома: Едно лице загина, десетици се повредени

 Делови од Тексас и Оклахома синоќа беа погодени од торнада, при што загина најмалку едно лице, дваесетина други се повредени, а десетици куќи и згради се урнати.

Торнада силно го погодија округот МекКуртин, Оклахома, во југоисточниот дел на државата. Коди МекДаниел, управителот за итни случаи на округот, потврди дека едно лице загинало. Во малиот град Ајдабел уништени се црква, медицински центар и училиште.

– Целосно се уништени јужната и источната страна на Ajдабел, изјави Стивен Картер, координатор за управување со итни случаи за округот МекКуртин.

Кели Кејн од Канцеларијата за вонредни состојби во Оклахома рече дека најмалку три други окрузи биле исто така погодени од невремето, а во некои области има поплави.

Националната метеоролошка служба соопшти дека торнада биле пријавени и во Тексас и Арканзас и дека се движат кон Луизијана.

Во Тексас, властите во округот Ламар соопштија дека најмалку 50 домови се оштетени или уништени, а 10 лица се пренесени во болница, од кои двајца се во критична состојба.

Црквите ги отворија вратите за да служат како засолништа за оние чии домови беа погодени.

Back to top button
Close