Тошковски: Загинувањето на Фросина не е само несреќа, туку резултат на пропусти во системот
Министерот вели дека ова не смее да заврши само со пишување гневни статуси по социјалните мрежи и протести што ќе траат неколку дена. Промените, вели Тошковски, мора да бидат реални и секој во системот мора да ја понесе својата одговорност
Јавноста со право прашува, како е можно лице што е со криминално досие, без возачка дозвола, со голем број претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по несреќата во која пред два дена 20-годишник со автомобил ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Тошковски вели дека ова не е само несреќа и додава дека таа е резултат на пропусти во системот што дозволува рецидивистите да останат надвор од контролата на институциите.
Според него, ова не се само дилеми за дискусија, туку реален и сериозен проблем што бара конкретни и неодложни решенија.
Тој вели дека гневот кај јавноста е разбирлив, а недовербата во институциите е оправдана.
Сепак, вели дека ова не смее да заврши само со пишување гневни статуси по социјалните мрежи и протести што ќе траат неколку дена. Промените, вели Тошковски, мора да бидат реални и секој во системот мора да ја понесе својата одговорност.
„МВР во овој случај максимално брзо и ефикасно го процесираше сторителот, тој е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази. Но тоа не ја враќа Фросина и не го менува фактот дека системот дозволил ваков рецидивизам“,пишува Тошковски во објава на својот фејсбук-профил.
Тошковски вели дека бројката од повеќе од 140 луѓе годишно што ги губат животите во сообраќајни несреќи во државата, Тошковски вели дека е неприфатлива и оти мора да натера на суштински промени.
„Ова е точката каде што мора да се преиспита дали постојните законски решенија се доволни? Дали воспитните мерки за сторители на сериозни дела носат резултати или само создаваат нови жртви? Дали висината на кривичните санкции за најтешките кривични дела во областа на сообраќајот е соодветна или е премногу блага за да има реален превентивен ефект?“,ова се дел од прашањата за кои Тошковски вели дека треба да се даде одговор.
Тој вели дека обврска на државата е да спречи вакви трагедии потсетувајќи дека се работи на ставање во функција на системот „Безбеден град“ со кој контролата ќе биде построга, а казните неизбежни.
„Но, ниту едно техничко решение нема да биде доволно ако правосудниот систем не гарантира соодветно санкционирање, особено за оние кои веќе еднаш покажале дека се опасност за другите“,додава Тошковски.
Вечерта на 29 јануари, петнаесетина минути пред полноќ, 20-годишникот со автомобил удри во 22-годишна девојка на булеварот „Партизански одреди“ која им подлегна на повредите на самото место. Според наводите на Обвинителството, тој возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено.
Против истиот возач и на 30 март минатата година била поднесена кривична пријава од страна на МВР поради неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје уште истиот ден повело истрага и побарало притвор против момчето, а на 21 мај е поднесен обвинителен акт и е побарано продолжување на притворот. Тој предлог бил прифатен и притворот бил продолжен сè до 31.7.2024 година кога скопскиот Кривичен суд донел пресуда – решение со кое го огласил за виновен и му изрекол воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом при што ја укинал притворската мерка.