Трајанов: Потребен е удар врз главата на октоподот

Пратеникот и лидер на ДС ќе предложи да се формира независна Агенција за борба против институционалниот криминал и високата корупција.

Пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов наскоро ќе предложи предлог-закон за формирање независна Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција. За овој предлог, што тој повеќепати досега го спомнуваше во јавни настапи, веќе е подготвена нацрт-верзија. Смета дека со таков закон дефинитивно ќе се објави отворена и фронтална војна на институционалниот криминал и високата корупција.

„Во тек се завршни консултации со врвни експерти, по што предлогот ќе биде објавен во јавноста и ќе влезе во парламентарна постапка“, најавува Трајанов.

Во воведот на нацрт-верзијата се вели дека за организираниот криминал постојат повеќе дефиниции, меѓу кои и дефиницијата прифатена од страна на Советот на Европа: „Незаконски активности извршени од структурирани групи од три или повеќе лица кои постојат подолг временски период и имаат цел да извршуваат сериозни кривични дела преку користење закани, насилство, корупција или други средства, со цел директно или индиректно да се стекнат со финансиска или друга материјална корист“.

Но, предлагачот оценува дека оваа дефиниција не се вклопува во новите појавни облици на организираниот криминал типичен за земјите во транзиција, каква што е Македонија, каде што главните носители на организираниот криминал се високи државни функционери, кои своите институционални позиции ги користат за стекнување со материјални средства.

„Најопасен е институционалниот криминал поради кој ниту една реформа не може да се постави на системски основи, а уште помалку да се спроведува. Во изминатите 32 години владејачките гарнитури не изградија јасен политички став и не презедоа ништо за да се изгради ефикасен систем за спречување и искоренување на институционалниот организиран криминал и корупција. Граѓаните не можат да произведат толку, колку што власта може да растури и ограби, доколку нема реална опасност за одговорност“, наведува предлагачот.

Користени компаративни искуства

Оттука, целта на независната Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, е да работи на откривање на кривични дела сторени од носители на јавни функции и други вклучени во криминал, која ќе биде отпорна на дневнополитичките притисоци, со оглед дека еден од најголемите проблеми со кои се соочува РСМ е партизацијата. Агенцијата треба да го открива скриениот имот, да иницира постапка за кривична одговорност, да предлага конфискација на имот стекнат на криминален начин и да предлага забрана за политичко дејствување за лица носители на јавни функции, кои се осудени на казна затвор за сторени тешки кривични дела од организиран криминал или висока корупција.

„Ефикасна борба против организираниот криминал значи силно ‘со чекан’ да го удриме ‘октоподот’ по главата. Во спротивно, доколку повремено му ги сечеме само краците, тој и натаму ќе се шири“, оценува предлагачот.

За имплементација на овој закон, според предлогот, неопходно е да се обезбедат просторни и технички услови за околу 50 вработени, а финансиските импликации врз буџетот ќе изнесуваат 6 милиони евра кои ќе се обезбедат преку алокација на средства (и кадри) од други надлежни институции за борба против криминалот.

Во предлогот, како тешки кривични дела се сметаат делата чија вредност надминува над 300.000 евра, како и делата со кои се поткопува економската стабилност на државата. Се предлага, директорот на Агенцијата со мандат од 7 години да го бира Управен одбор од 15 члена, кој го сочинуваат универзитетски професори, медиумски претставници, од невладиниот сектор, од ДКСК… При подготовката на предлог-законот биле користени компаративни искуства од повеќе специјализирани институции за борба против организиран криминал и корупција, како на пример, британската Национална Агенција за борба против криминалот (National Crime Agency – NCA), италијанската истражна агенција за борба против мафијата (Direzione Investigativa Antimafia – DIA), хрватскиот Уред за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (USKOK), словенечката Комисија за спречување на корупција (KPK) и други.

Без сензационализам

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, не ги соопштува имињата на тројцата функционери за кои се иницирани постапки поврзани со злоупотреба
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, не ги соопштува имињата на тројцата функционери за кои се иницирани постапки поврзани со злоупотребаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Со многу мали исклучоци, борбата против криминалот досега не покажа успех кога се во прашање криминални дела сторени од носители на јавни функции, со што остана впечатокот дека тие се „заштитени ѕверки“, односно дека секогаш страдаат малите риби, а никогаш големите. Во такви околности, не е изненадувачки што јавноста се интересира кои се тројцата функционери за кои Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, иницирал постапки поврзани со злоупотреба. Таа реши да не ги соопштува нивните имиња.

„За двајца веќе имаме повратна информација дека има покренато постапки (од надлежните институции, н.з.) и немам намера да кажувам имиња или да правам сензационализам од ова. Ние треба да ги прифаќаме ваквите работи како нормалност. Ако некој го прекршил законот, за него треба да има постапка“, изјави Грковска на ТВ Сител.

Во однос на американската листа на санкции, рече дека не се оптоварува многу со неа.

„Првиот момент кога списокот ќе биде спремен за објавување, тоа САДќе го направат. Јас не се оптоварувам кој ќе биде на таа листа, ние треба да бидеме загрижени за нашите секојдневни проблеми и прашања, и да се справуваме со нив“, рече вицепремиерката.

Од вчерашната тркалезна маса на тема „Ефективна борба против организираниот криминал и корупција“ таа повика на вклученост на сите чинители – или заеднички ќе влеземе во борбата со корупцијата, или ќе дозволиме општествениот систем да ни остане трул.

„Предуслов за ефикасно справување со корупцијата е активната улога на сите чинители на системот. Во овој процес мора да обезбедиме целосен општествен и политички консензус. Владата на Република Северна Македонија, но и сите ние сме исправени пред задачата да создадеме соодветен механизам на превенирање на можните коруптивни дејствија и нивно навремено и правилно сакционирање”, порача Грковска.

извор: ДВ

Back to top button
Close