Tрагедија во Кочани: Македонија е на половина копје

Во текстот под наслов „Северна Македонија на половина копје“, Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) опширно ја анализира состојбата во земјата по катастрофалниот пожар во Кочани. ФАЦ пишува дека поради тежината на повредите на дел од настраданите во пожарот можно е да се очекува и зголемување на конечниот број на жртвите.

Она што особено го привлекува вниманието на авторот на текстот во ФАЦ е состојбата во македонското правосудство, од кое се очекува да ги пронајде и казни вистинските виновници за катастрофата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Според јавниот обвинител, многу аспекти на случајот се поврзани со корупција и поткуп од минатото. Дали ова треба да се смета за показател дека причините за пожарот се поназад од јуни 2024 година, кога конзервативно-националистичкиот шеф на владата Христијан Мицкоски ја презеде функцијата, не е само правно прашање. Северна Македонија има лоши искуства со политички пристрасно судство кое работи во интерес на соодветната влада. На пример, шефицата на канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство, која беше многу фалена пред неколку години, подоцна и самата стана предмет на истраги за корупција. Во анкетите само мал процент од испитаниците изразуваат доверба во македонското судство. Неодамна, едвај една петтина од населението изрази став дека македонското судство е доверливо“, пишува ФАЦ.

Хероите од Кочани

Јавниот сервис АРД од неделата досега објави повеќе вести и текстови посветени на трагедијата. Во една од последните анализи се наведува дека сомнежот за пожарот е јасно насочен кон употребата на пиротехничките средства за време на концертот, како и на недостатокот на основни услови во дискотеката за вакви вонредни ситуации.

Телевизијата РТЛ, објавува портрет на пејачот на групата ДНК, Андреј Ѓорѓиоски кој трагично го загуби животот во несреќата. РТЛ го нарекува Ѓорѓиоски „херој“, кој ги загуби животот откако во повеќе наврати се враќал во опожарениот објект за да спасува животи на други луѓе, пред и самиот да настрада.

„Додека покривот на ноќниот клуб ‘Пулс’ пламнува, Андреј Ѓорѓиески се обидува да спаси што повеќе луѓе. Видео снимката на социјалните мрежи покажува дека Андреј ги повикува посетителите да излезат на безбедно. Но, наместо и самиот да избега, тој се враќа во пеколот што гори – очигледно за да им помогне на оние што нема да успеат навреме“, пишува РТЛ.

Весникот Билд пишува дека малата балканска земја не може самата да се справи со последиците од огромната трагедија и наведува дека голем број повредени се пренесени на лекување во соседните балкански земји, но и подалеку во други европски држави.

Неколку спортски весници и портали ја објавуваат и веста за смртта на младиот фудбалер Андреј Лазаров. Специјализираниот спортски магазин Кикер и бројни други медиуми јавуваат дека Лазаров загинал обидувајќи се да спаси луѓе од дискотеката. Се пренесува и соопштението на неговиот клуб ФК Шкупи од Скопје.

„Херојска душа каква што беше, Лазаров го загуби животот обидувајќи се да им помогне на другите да избегаат од опустошената дискотека од пожарот. Тој беше отруен од чад при обидите за спасување и до последен момент покажа храброст и хуманост. Неговото херојско дело секогаш ќе остане запаметено како доказ за неговиот благороден карактер и неговото големо срце“.

Редица пропусти

Швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг пишува дека вакви несреќи „не се невообичаени во Југоисточна Европа“. „Речиси во сите случаи, тие се предизвикани од човечка грешка, непочитување на безбедносните прописи и соучесништво на корумпираните владини регулатори“, наведува НЦЦ.

„Несреќата во Кочани особено потсетува на пожарот во октомври 2015 година во ноќниот клуб ‘Колектиф’ во Букурешт. Во пожарот и последователната масовна паника загинаа 64 лица. Тогашниот романски премиер Виктор Понта ја објави својата оставка набргу потоа по масовните протести“, пишува НЦЦ. (dw)

Back to top button
Close