Трамп: Би направил многу повеќе ако бев крал

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да постигне многу повеќе доколку имал апсолутна власт, коментирајќи ги ограничувањата со кои се соочува како претседател.

Говорејќи на велигденски ручек во Белата куќа, Трамп направи паралела со библиски настан, осврнувајќи се на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим.

„На Цветници Исус влезе во Ерусалим додека луѓето го поздравуваа како крал. Мене сега ме нарекуваат крал, верувате ли во тоа? Не сум крал. Толку сум крал што не можам да добијам одобрение за сала за танцување. Прилично неверојатно, нели? Јас сум крал. Да бев крал, би можел да направам повеќе работи. Работам многу, но би можел да работам многу повеќе ако бев крал“, изјави Доналд Трамп.

Неговата забелешка директно се однесува на неодамнешната одлука на американски суд да ја запре изградбата на голема свечена сала во Белата куќа, проект вреден 400 милиони долари, поради недостиг на одобрение од Конгресот.

Проектот веќе предизвика критики во јавноста, особено поради планираното уривање на дел од источниот комплекс на Белата куќа и отворањето прашања за заштита на историското наследство.

Иако изјавата беше дадена во полушеговит тон, таа ја отсликува постојаната фрустрација на Трамп од институционалните процедури и ограничувањата на извршната власт.

Во повеќе наврати, американскиот претседател јавно изразува незадоволство од сложените процеси за носење одлуки, укажувајќи дека тие го забавуваат спроведувањето на неговите политики и проекти објави Скопје1.мк

Back to top button
Close