„Трамп цели кон диктатура“ – заклучyва најверодостојниот глобален чувар на демократијата
САД повеќе не се демократија. Еден од најкредибилните глобални извори за состојбата на демократиите сега го кажува тоа отворено. Институтот Varieties of Democracy (V-Dem) при Универзитетот во Гетеборг доаѓа до алармантен заклучок во својот годишен извештај дека САД се движат кон автократија со побрзо темпо отколку Унгарија и Турција.

„Нашите податоци за САД датираат од 1789 година. Тоа што го гледаме сега е најсериозниот степен на демократско назадување досега во земјата“, вели Стафан Линдберг, основач на институтот.
Од 2012 година, Линдберг предводи мал тим истражувачи во Шведска со цел да се остварат како водечки светски извор за анализа на состојбата на глобалната демократија. Во нивниот најнов извештај тие заклучуваат дека САД, за првпат по повеќе од половина век, го изгубиле својот долгогодишен статус како либерална демократија. Земјата сега поминува низ брз процес што авторите на извештајот го нарекуваат „автократизација“.
„На Орбан во Унгарија му беа потребни околу четири години, на Вучиќ во Србија осум години, а на Ердоган во Турција и Моди во Индија околу 10 години за да постигнат потиснување на демократските институции какво што Трамп го постигна за само една година“, вели Линдберг.
Демократијата во САД сега, повторно е на најлошото забележано ниво од 1965 година, кога законите за граѓански права за првпат воведоа де факто универзално право на глас. Според извештајот, целиот напредок постигнат од тогаш е избришан.
Во светски рамки, демократијата се намали на најнискo ниво од средината на 70-тите години. „Светот никогаш досега не видел толку многу земји што истовремено се автократизираат“, вели Линдберг.
Рекордни 41% (3,4 милијарди) од светската популација моментално живеат во земји каде демократијата се влошува, се тврди во извештајот, додавајќи дека Вашингтон го предводи овој глобален тренд на оддалечување од демократијата.
Истражувачите користат 48 различни метрики за да ја проценат демократската состојба, како што се слободата на изразување и медиумите, квалитетот на изборите и почитувањето на владеењето на правото. Резултирачкиот „индекс на либерална демократија“ покажува дека брзината со која американската демократија се распаѓа е без преседан во модерната историја. Главниот фактор е „брза и агресивна концентрација на моќта во претседателството“, вели Линдберг. Конгресот е маргинализиран, што ги загрозува „контролите и рамнотежата“ (судските и законодавните ограничувања врз извршната власт) кои се клучни за американската демократија. Во исто време, граѓанските права брзо опаѓаат, а слободата на изразување е на најниско ниво од 1940-тите.
„Видовме многу брза концентрација на моќ во извршната власт. Законодавната гранка практично се откажа од своите овластувања во корист на претседателот. Таа повеќе не функционира како контрола врз извршната власт“, вели Линдберг.
Во првата година од претседателството на Доналд Трамп, тој потпиша 225 извршни наредби, додека Конгресот, контролиран од републиканците, усвои само 49 нови закони.
„Повеќето од извршните наредби на Трамп беа значајни. Тој затвори цели владини оддели, отпуштајќи стотици илјади вработени. Законите што ги усвои Конгресот беа главно незначајни измени на веќе постоечки закони. Значи, веќе нема значајна поделба меѓу законодавната и извршната власт“ вели Линдберг.
Во меѓувреме, Врховниот суд исто така во голема мера се откажал од својата улога, а дури и кога ги поништува извршните наредби на Трамп, тој ги заобиколува, додава Линдберг. Тој посочува дека има повеќе од 600 тековни судски постапки против администрацијата на Трамп.
Друг аспект на брзото влошување на американската демократија, според извештајот, е отстранувањето на внатрешните заштитни механизми што ја штитат федералната власт од злоупотреба. Кога го прашав Линдберг како треба да ги толкуваме наодите, неговиот одговор беше прецизен.
„Трамп отпушти инспектори и високи државни службеници низ институциите и ги замени со лојалисти. Токму тоа го направија Орбан и Ердоган. Тие ги отстранија ограничувањата на моќта. Досега треба да ни е очигледно дека Трамп се стреми кон диктатура“, вели Линдберг.
Па, како еден мал истражувачки институт во Гетеборг стана толку веродостоен извор за падот на демократијата во Вашингтон? Кога Линдберг го основал V-Dem во 2012 година, глобалната демократија беше близу својот историски врв.
„Тогаш сите го истражувавме процесот на демократизација и бевме фрустрирани од недоволно добрите метрики, па сакавме да создадеме веродостоен глобален индекс“, вели тој.
Пет години подоцна, кога институтот ја објави првата база на податоци за состојбата на глобалната демократија сфатиле дека работите брзо одат во погрешна насока. „Сега сите што истражувавме демократизација станавме истражувачи на автократизација“, вели Линдберг.
Во тоа време, нивните извештаи биле критикувани поради нивната „претерана“ содржина. „Нè нарекуваа алармисти. Но, сега нашите предупредувања изгледаат оправдани“, рече Линдберг.
Основниот тим од десетина истражувачи во Гетеборг работи со 4.200 научници во 180 земји, користејќи најголема глобална база на податоци за демократија со повеќе од 32 милиони податочни точки за 202 земји и територии, кои се протегаат од 1789 до 2025 година.
„Имаме универзални стандарди, но и луѓе на терен кои ни кажуваат што всушност се случува. Извештаите се 100% научни, водени од истражувања, а нашите податоци се ослободени од пристрасност и државно влијание, од општа стручност и политички размислувања.“
Извештајот на V-Dem, насловен како „Разоткривање на демократската ера?“, треба да биде задолжително четиво за Европа, каде што седум земји-членки на ЕУ – Унгарија, Грција, Хрватска, Словенија, Словачка, Италија и Романија – се „погодени од автократизација“, поради знаци на влади кои користат медиумска цензура, ограничувања на слободата на изразување и репресија врз граѓанското општество. Додека пак, Португалија и Бугарија се приклучија на „листата за следење“ на институтот.
Извештајот ја идентификува Велика Британија како „нов автократизатор“, поттикнат од „значителен пад“ на слободата на изразување и медиумите.
„Во Велика Британија, тоа започна пред Кир Стармер, со Законот за избори од 2022 година, и владата која ги проширува своите овластувања врз изборните комисии“, вели Линдберг.
„Законот за полициско работење од 2022 година ги намали граѓанските права и слободата на говорот. Законот за безбедност на интернет од 2023 година беше користен за казнување на говорот на интернет и тужбите што ги замолчуваат новинарите. Законот за високо образование (слобода на говор) од 2023 година ги зголеми барањата од универзитетите да ги следат протестите и да ја контролираат слободата на говорот. Она што загрижува е што откако ќе започне демократското назадување, честопати е тешко да се запре.“
Данска, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Естонија и Ирска се на врвот на глобалниот индекс на демократија на V-Dem за 2025 година. Напорите на другите, вклучително и Полска, се истакнуваат за обидот за „пресврт“ од автократијата. Но, само 18 земји низ целиот свет се демократизираат, што е историски минимум.
Единствена светла точка во проценката на САД е тоа што сè уште се одржуваат слободни и отворени избори, а изборниот систем „засега останува стабилен“. Но, извршните наредби откако Трамп дојде на власт укажуваат на нови ризици за изборниот систем.
Заканите кон бирократите и службениците за гласање кои ги спроведуваат изборите се веќе алармантни, вели Линдберг.
„Видовме медиумски извештаи дека 40% од службениците за избори/избирачки места дале отказ од 2020 година. А Трамп никогаш не го прифати својот пораз тогаш. Зошто би прифатил пораз сега? Ако видиме негирање на резултатите од изборите во 2026 година, тогаш тоа е целосен демократски колапс.“
Потенцијален извор на претпазлив оптимизам може да биде тоа што авторитарниот пресврт на Трамп е сè понепопуларен. Неговиот рејтинг на одобрување сега е под 40%. Голем број гласачи на Трамп се длабоко разочарани од новата војна во Иран и од постојаното зголемување на трошоците за живот. Многу од либералните држави кои беа мети на Трамп, како што се Минесота и Калифорнија, успешно се бореа против заканите за граѓанските права и локалните заедници.
„Исто така, гледаме повеќе критики од движењето Мага“, вели Линдберг.
Би било наивно, како што предупредува извештајот, да се мисли дека европските земји се имуни на демократски пад, што и да се случи во Вашингтон. „Тоа е глобален тренд“, вели Линдберг, „затоа не е само Америка таа што го движи ова. Истражувањата јасно покажуваат дека крајната десница, откако ќе ја добие власта, има голема веројатност да ги демонтира демократските институции.“
Во многу земји низ Европа, гласачите сега се мобилизираат за да ги изберат своите верзии на Трамп, и покрај отворените закани на администрацијата кон континентот и нејзината постојана поддршка за екстремистичките партии кои ја поткопуваат европската стабилност. Конзервативците од естаблишментот го следат, надевајќи се против разумот дека работите некако ќе се одвиваат подобро овој пат отколку во претходните ери на авторитарно владеење. Со остри бројки и кристално јасен јазик, извештајот на V-Dem ги нагласува ризиците од овој пат.
Извор: theguardian.com
Превод: Мила Макаровска






