Трамп: Ќе има „добри вести од Блискиот Исток“, а Зеленски и Путин ќе мора да преговараат
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа најави дека наскоро ќе има „добри вести од Блискиот Исток“, без да даде конкретни детали, јавува Анадолија.
„Имавме неспособен претседател кој нè доведе во хаос. Истото се случи и на Блискиот Исток“, изјави Трамп, алудирајќи на неговиот претходник Џо Бајден. Потоа додаде: „Ќе имаме добри вести од Блискиот Исток.“
Исто така, тој оцени дека претседателите на Украина и Русија Володимир Зеленски и Владимир Путин на крајот ќе мора да преговараат.
– Мислам дека претседателот Путин и претседателот Зеленски ќе мора да седнат заедно, затоа што знаете што? Сакаме да престане убивањето на милиони луѓе, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
– Секој ден се убиваат илјадници војници. Додека зборуваме, тие умираат. Затоа сакам да видам прекин на огнот. Сакам да постигнеме договор. Мислам дека имаме шанса да постигнеме договор. Морав да бидам сигурен дека Русија го сака тоа. Ова е војна што никогаш не требаше да се случи, додаде тој.
На новинарско прашање за предложениот договор според кој САД би добиле дел од украинските права на рудници во замена за продолжување на воената помош, Трамп изјави: „Мислам дека сме прилично блиску.“
– Тие се чувствуваат добро во врска со тоа и тоа е значајно. Тоа е голема работа, но тие го сакаат тоа и тоа нè задржува во нивната земја. Тие се многу среќни за тоа, но ние ги добиваме нашите пари назад. Ова требаше да се потпише многу порано, изјави Трамп.
Тој исто така ги демантираше тврдењата на францускиот весник „Le Point“ дека ќе ја посети Москва во мај.