Трамп: Иранската морнарица, ПВО и воздухопловните сили се нокаутирани
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја започна средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц со дискусија за Иран, наведувајќи дека во нападите на САД во последните денови, иранската морнарица, ПВО и воздушната одбрана се „нокаутирани“.
„Тие немаат морнарица, таа е уништена, немаат воздухопловни сили, таа е уништена, немаат систем за детекција на воздух, тоа е уништено. Речиси сè е уништено. Ние работиме многу добро, имаме одлична војска и тие вршат фантастична работа“, рече Трамп на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Овалната соба.
Кога беше прашан како ја донел одлуката да го нападне Иран, Трамп негираше дека Израел го вовлекол во војна со Иран, наведувајќи дека неговото мислење е дека Иранците ќе нападнат први.
„Преговаравме со овие луди луѓе. Тие сакаа да нападнат. Ако не го сторевме тоа, тие први ќе нападнеа. Тоа ми беше многу важно“, рече Трамп.
Тој рече дека „можеби го натерал Израел да интервенира“ во врска со времето на нападот.
Трамп рече дека откако САД и Израел ги започнаа нападите во саботата, Иран „нападнал земји кои немаат никаква врска со она што се случува“, што, според него, „покажува со какво ниво на зло“ се соочуваат САД.
Според него, Иран „напаѓа само цивилни објекти, хотели и станбени згради“.
Додаде дека најлошото сценарио е, по американскиот напад, „некој толку лош како претходната личност“ да ја преземе власта во Иран.
Запрашан за неговите европски сојузници, Трамп рече дека е задоволен од некои – но не и од други, и дека Обединетото Кралство е меѓу земјите од кои не е задоволен.
Трамп го критикуваше британскиот премиер Кир Стармер, наведувајќи дека „тој не е Винстон Черчил“.






