Трамп му се закани на Иран: „Илјада ракети се подготвени ако се обидете да ме убиете“

Американскиот претседател Доналд Трамп упати директна закана до Иран, предупредувајќи дека Соединетите Американски Држави ќе одговорат со разорни напади доколку иранските власти извршат или се обидат да извршат атентат врз него. Во исто време, неговата администрација воведе нов пакет санкции насочени кон финансиската мрежа поврзана со новиот ирански врховен лидер, ајатолахот Мојтаба Хамнеи.

Во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“, Трамп порача дека американската војска е подготвена за моментална реакција.

„Илјада ракети се подготвени и насочени кон Исламската Република Иран, а веднаш по нив следуваат уште илјадници ако иранската влада постапи според заканата, изречена на многу места низ светот, дека ќе го убие или ќе се обиде да го убие претседателот на Соединетите Американски Држави, во овој случај мене“, напиша Трамп.

Тој додаде дека наредбите веќе се издадени.

„Наредбите веќе се издадени, а американската војска е подготвена, сака и може, во период од една година, со можност за продолжување, целосно да ги десеткува и уништи сите подрачја на Иран“, порача Трамп.

Според агенцијата „Ројтерс“, Трамп ѝ наредил на американската војска да биде подготвена да изведе напади врз Иран доколку иранските власти извршат или се обидат да извршат атентат врз американскиот претседател.

Истовремено, Министерството за финансии на САД воведе нови санкции против клучниот финансиер на новиот ирански врховен лидер, ајатолахот Мојтаба Хамнеи, како и против уште 13 физички и правни лица.

Меѓу санкционираните е и иранскиот банкар и бизнисмен Али Ансари, со седиште во Дубаи, кого американските власти го обвинуваат дека преку јавни средства изградил широка мрежа на недвижности и деловни вложувања во странство, во корист на иранската власт и Корпусот на Исламската револуционерна гарда.

Санкционирани се и три менувачници во Иран, како и повеќе странски компании за кои Вашингтон тврди дека служеле како параван за префрлање милијарди долари во име на ирански банки, со цел да се прикријат активностите на режимот.

„Соединетите Американски Држави преземаат одлучни мерки за да ги прекинат финансиските врски што ја одржуваат иранската владејачка елита“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.

Од друга страна, Иран оцени дека новите санкции претставуваат прекршување на неодамна потпишаниот меморандум за разбирање меѓу двете земји. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи го обвини американскиот министер за финансии Скот Бесент дека со воведувањето нови санкции го прекршил членот 9 од договорот, според кој Вашингтон се обврзал да не воведува нови санкции и да не распоредува дополнителни сили во регионот.

„Проверката на реалноста покажува дека може да постои само взаемно почитување на обврските“, напиша Арагчи на социјалната мрежа „Икс“, додавајќи дека Иран досега ги почитувал своите обврски.

Техеран воедно порача дека е подготвен на „целосна одбрана“ доколку САД го прекршат договорот, а главниот ирански преговарач Мохамад Багер Галибаф изјави дека војната нема да заврши со предавање на Иран, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close