Трамп: Никој во историјата не ја заслужува Нобеловата награда за мир повеќе од мене
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека никој во историјата не ја заслужува Нобеловата награда за мир повеќе од него тврдејќи дека тој спречил неколку големи војни во целиот свет.

„Без разлика дали луѓето го сакаат Трамп или не, јас решив осум војни. Големи. Некои траеја 36 години, 32 години, 31 година, 28 години, 25 години. Некои сè уште не почнаа, како Индија и Пакистан. Осум авиони веќе беа соборени. И го решив тоа многу бргу, без нуклеарно оружје“, рече Трамп.
„Не можам да се сетам на некој во историјата кој треба да ја добие Нобеловата награда повеќе од мене. Не сакам да се фалам, но никој друг не ги спречи војните“, додаде тој.
Трамп и во оваа пригода го критикува поранешниот американски претседател Барак Обама, кој ја освои Нобеловата награда во 2009 година.
„Обама ја освои Нобеловата награда. Немаше поим зошто. Сè уште нема поим. Шета наоколу велејќи: Јас ја добив Нобеловата награда. Зошто ја доби? Ја доби речиси веднаш по преземањето на функцијата. Не направи ништо и беше лош претседател“, рече Трамп.
Тој исто така истакна дека Нобеловата награда треба да се доделува за секоја запрена војна.
„Во теорија, треба да добиете Нобелова награда за секоја војна што ќе ја запрете. Секоја од нив беше голема. Тоа беа војни за кои никој не мислеше дека може да се запрат. Претседателот Путин ми се јави и ми раскажа за две од тие војни што се обидува да ги запре десет години. Не можеше. Не можеше да поверува“, рече тој.
Додаде дека наградата не му е важна, туку спасувањето животи.
„Не ме интересира наградата, спасив десетици милиони животи. Не ме интересира тоа. Ме интересира спасувањето животи. Спасив десетици милиони животи. Знаете, премиерот на Пакистан дојде тука и јавно изјави дека претседателот Трамп спасил најмалку 10 милиони животи во однос на Пакистан и Индија бидејќи можеше да ескалира“, рече Трамп.
Изјавата доаѓа во време кога продолжува војната меѓу САД, Израел и Иран, која почна пред речиси еден месец кога американските и израелските сили почнаа напади врз воената и нуклеарната инфраструктура на Иран. Во меѓувреме, конфликтот прерасна во поширок регионален конфликт со напади врз бази, енергетска инфраструктура и поморски патишта, а дипломатско решение сè уште не е на повидок.






