Трамп поддржува „етничко чистење“ во Израел, а на Балканот?

Со логика на трговец на недвижности, американскиот претседател Доналд Трамп, ги повика Палестинците од појасот Газа да се преселат во околните Египет или Јордан зашто немаат иднина на својата земја. Тука постојано ќе има војна и убивање порача тој со осудениот за геноцид од Хашкиот трибунал премиерот на Израел Нетанјаху, седнат покрај него во Овалната соба. И се би било логично да беа народите „дрво без корен“ па да можеле така лесно да се селат во новоизградени населби далеку од својата родна земја. Простата претприемачка логика на Трамп, не размислува во категории „историја“, „традиција“, “емоција“, „идентитет“ и не може да разбере дека Палестинците сакаат да се вратат на урнатините и да си го обноват својот живот таму каде што се родени и каде што новните претци живееле со столетија. И дека новоизградените населби облеани во сончевина на кои ќе живеат во мир во туѓа земја, не можат да ја заменат татковината.

Згора на се, предлогот на Трамп не е прифатлив за околните арапски држави кои се собраа на состанок за да го кажат тоа.Но прифатлив е за Израел.

Не се случило американски претседател така лесно да поддржи политика на „етничко чистење“, но во случајот со Израел сè е можно. Чудниот сојуз меѓу двете држави ја побива дури и тезата која често ја повторувам, дека државите се раководат од своите интереси зашто гледано така, интересот визави бројните земји на арапскиот свет е далеку поголем од оној кон малата еврејска држава. Но, истражувањата покажуваат дека моќното израелско лоби во Вашингтон има пресудно влијание врз формулирањето на американската надворешна политика, па оттаму силната поддршка.

Задоволството на лицето на Нетанјаху на вчерашната конференција за печат во Белата куќа не можеше да се сокрие. Екстремните десничари во неговата и онака екстремна влада, оние кои положуваат право на земјата на Палестина од записи од илјада години пред Христа а не од реалните односи на теренот, ќе бидат многу задоволни. Америка застана зад нивната брутална политика на масовно убивање на Палестинци за да се „исчисти“ земјата за нови еврејски доселеници.

Ако до овој момент не беше позната формулата на Трамп за решавањето на израелско-палестинскиот спор сега е јасно: поддршка на политиката на „етничко чистење“. Но, таквата политика се чини неспроводлива. Владата на Израел сака да убие или да протера околу 6 милиони Палестинци во име на идејата за Голем Израел на кој би се прошириле околу 6 милиони Евреи. Ете, за таков план добија согласност од новиот американски претседател а не за палестинска држава која би постоела покрај еврeјската, определба на ОН и поголемиот дел од светот.

Терминот „етничко чистење“ кој звучи толку „санитарно“ е грозна крвава политика на убивање луѓе од една етничка заедница за да се освои нивната територија. Влезе во масовна употреба во текот на војните во Југославија. Интервенцијата на Америка и на европските сојузници беше да се стави крај на таквата политика. Во нешто успеа а во нешто не. Не успеава во попречувањето да се создаде хомогена српска територија во Босна, но не дозволија натамошна фрагментација преку нејзиното приклучување кон Република Србија. Што ќе се случи на Балканот после оваа одлука на Трамп да ја поддржи политиката на Нетанјаху? Некои со право ќе речат дека и после 35 години обиди да се изгради доверба меѓу народите на поранешна Југославија, старите омрази не исчезнале и дека нема европски решенија за балкански проблеми. Ако дојде Трамп на Балканот и ни удри сметка за тоа колку многу пари се фрлени залудно за „неостварлива“ цел на, тешко нам. Тешко нам ако рече: Балкански решенија за балкански проблеми! Прст на чело, поддржувачи на политиките на Трамп.

Денко Малески

Back to top button
Close