Трамп прогласен за „најмоќна личност во Европа“ во годишниот избор на „Политико“
Претседателот на САД, Доналд Трамп е прогласен за „најмоќна личност во Европа“ во 2025 година во традиционалниот годишен избор на бриселскиот портал „Политико“ на 28-те најмоќни луѓе во европската политика.

Иако, традиционално изборот на најмоќна личност вклучува само Европејци, односно лица кои живеат или работат на европскиот континент, годинава „Политико“ направи исклучок со оценка дека „никој не извршил поголемо влијание во или врз Европа оваа година од претседателот на САД“.
– Сенката на Трамп се издига толку високо над европските престолнини, што неговите одлуки – или испади – преобликуваа сè, од буџетите за одбрана, па до трговската и внатрешната политика, оценува „Политико“.
По Трамп на второто место на листа е данската премиерка Мете Фредериксен, пред германскиот канцелар Фридрих Мерц и неформалната лидерка на францускиот десничарски Национален собир, Марин Ле Пен. На петото место е рускиот претседател Владимир Путин, пред лидерот на британската Реформска партија, Најџел Фараж и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Првата „десетка“ на листата ја заокружуваат генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот британски колега Кир Стармер.
Целосната листа на 28-те најмоќни луѓе во Европа, заедно со квалификации за нив дадени од авторите на поредокот, е следнава:
1. Доналд Трамп, претседател на САД, „трансатлантското цунами“;
2. Мете Фредериксен, премиерка на Данска, „северната ѕвезда“;
3. Фридрих Мерц, канцелар на Германија, „неволниот радикал“;
4. Марин Ле Пен, поранешна претседателка на францускиот Национален собир, „воениот коњ“;
5. Владимир Путин, претседател на Русија, „провокаторот“;
6. Најџел Фараж, лидер на британската Реформска партија, „лидерот во сенка“;
7. Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, „железната тупаница“;
8. Марк Руте, генерален секретар на НАТО, „слаткоречивиот“;
9. Џорџа Мелони, премиерка на Италија, „пример за однесување“;
10. Кир Стармер, премиер на Велика Британија, „незабележливиот“;
11. Манфред Вебер, лидер на Европската народна партија (ЕПП), „распределувачот на моќта“;
12. Виктор Орбан, премиер на Украина, „главоболката“;
13. Александер Стуб, претседател на Финска, „придружникот“;
14. Володимир Зеленски, претседател на Украина, „кловнот на палубата“;
15. Габриел Зикман, француски економист и даночен експерт, „уништувачот на милијарди“;
16. Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, „недипломатката“;
17. Тереза Рибера, извршна потпретседателка на Европската комисија за чиста, праведна и конкурентна транзиција, „држачка на факелот“;
18. Даниел Ек, претседател на Управниот одбор на „Спотифај“, „бомбашот“;
19. Емануел Макрон, претседател на Франција, „ранетиот петел“;
20. Марио Драги, поранешен премиер на Италија и екс-гувернер на Европската централна банка, „пророкот“;
21. Андреј Бабиш, премиер на Чешка, „повратникот во блокот“;
22. Ген. Алексус Гринкевич, командант на Силите на НАТО во Европа, „обесхрабрувачот“;
23. Карол Навроцки, претседател на Полска, „спротивниот пол (на оската)“;
24. Хајди Рајхинек, лидерка на германската партија Левица, „виралниот глас“;
25. Андреа Орцел, претседател на Управниот одбор на „УниКредит“, „банкарскиот Наполеон“;
26. Рима Хасан, француска левичарска европратеничка со палестинско потекло, „мегафонот“;
27. Роб Јетен, лидер на партијата Демократи 66 и веројатен иден премиер на Холандија, „новата симпатија на Брисел“; и
28. Џани Инфантино, претседател на ФИФА, „МВП играчот“.






