Трамп: САД ќе поднесат дополнителни обвиненија против Николас Мадуро

Соединетите Американски Држави ќе поднесат дополнителни обвиненија против соборениот лидер на Венецуела, Николас Мадуро, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на владината седница во Белата куќа.

Мадуро, кој беше уапсен за време на рација на американските сили во Венецуела во јануари, моментално во Њујорк се соочува со обвиненија за нарко-тероризам и кривични дела поврзани со трговија со дрога.

Соборениот претседател на Венецуела денеска пред сојузниот суд во Њујорк ќе се обиде да издејствува отфрлање на обвиненијата за нарко-тероризам со тврдење дека американските власти му оневозможуваат правична одбрана, јавија американските медиуми.

Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се изјаснија за невини и се наоѓаат во сојузен притвор во Бруклин, во посебно обезбеден оддел кој се опишува како „затвор во затвор“, наменет за најризичните притвореници, наведуваат полициски извори. Тој е задржан под таканаречени посебни административни мерки (SAMs), во единица која чуварите ја нарекуваат „SAMs оддел“ на бруклинскиот затвор, пренесува Си-би-ес Њуз. Овие мерки служат за ограничување на контактите на затвореникот со надворешниот свет во случаи кога властите ќе проценат дека неговите комуникации би можеле да претставуваат опасност.

Back to top button
Close