Трамп се закани со многу силна акција по најавите дека Иран ќе погуби демонстрант

Доналд Трамп се закани дека САД ќе преземат „многу силна акција“ доколку Иран започне со егзекуции на демонстранти. Реакцијата доаѓа откако роднини на 26-годишниот Ерфан Солтани, кој бил приведен минатата недела, соопштија дека тој треба да биде погубен денеска.

Претставник на организацијата за човекови права „Хенгав“ изјави дека досега не забележале случај кој бил решен толку брзо, посочувајќи дека судската постапка траела само два дена.

„Ако ги бесат демонстрантите, ќе видите што ќе се случи. Ќе преземеме многу силна акција ако направат такво нешто“, изјави Трамп.

Роднина на Солтани наведе дека смртната казна била изречена по исклучително брз и непрозрачен процес.

Во меѓувреме, ирански функционер соопшти дека на протестите загинале околу 2.000 луѓе, обвинувајќи неименувани терористи за насилството. Активистичката организација ХРАНА, пак, тврди дека се убиени најмалку 2.403 демонстранти, како и речиси 150 припадници на безбедносните сили.

„Бројките изгледаат навистина големи, но засега немаме целосна потврда. Кога ќе ги добиеме точните информации, тогаш ќе дејствуваме“, рече Трамп, кој уште на почетокот на протестите порача дека САД ќе интервенираат доколку Иран убива демонстранти.

Тој вчера ги повика Иранците да продолжат со протестите, порачувајќи дека „помошта доаѓа“, без дополнително да објасни што подразбира тоа. Иранската влада, пак, ги обвини САД дека бараат изговор за воена интервенција, наведувајќи дека таквите сценарија во минатото завршиле неуспешно.

Back to top button
Close