Трамп со критики за Зеленски по изјавата за Крим: Завршете ја работата, ќе ја изгубите цела земја

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го засили притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски, повикувајќи го да прифати мировен договор за ставање крај на војната во Украина.

Во објава на својата социјална мрежа Трут Соушл (Truth Social), Трамп изјави дека постигнувањето договор е „многу блиску“, но остро го критикуваше Зеленски поради неговите изјави за Крим, предупредувајќи дека Украина ризикува да ја „изгуби целата земја“ доколку продолжи со сегашниот пристап.

Трамп се осврна на неодамнешната изјава на Зеленски за Волстрит Џурнал, во која украинскиот лидер рече: „Украина никогаш нема правно да ја признае окупацијата на Крим. За тоа нема што да се разговара“.

Според Трамп, оваа изјава сериозно ги попречува мировните преговори со Русија, бидејќи, како што тврди, „Крим е изгубен уште пред многу години“ за време на мандатот на поранешниот американски претседател Барак Обама. Тој додаде дека Крим „не е предмет на дискусија“ и дека големи руски воени бази постоеле на полуостровот со децении пред неговата анексија во 2014 година.

„Никој не бара од Зеленски да го признае Крим како руска територија, но ако сака да го врати, зошто Украина не го бранеше пред единаесет години кога беше предаден на Русија без испукан куршум?“, напиша Трамп. Тој ги нарече изјавите на Зеленски „запаливи“ и причина за тешкотиите при обидите за постигнување мир.

„Токму запаливите изјави како онаа што Зеленски ја даде денеска се причина зошто е толку тешко да се постигне мир. Нема со што да се пофали! Ситуацијата за Украина е многу тешка, таа може да избере мир или да продолжи да се бори уште три години пред да ја изгуби целата земја.

Немам ништо против Русија, но длабоко се грижам за тоа да не се губат пет илјади руски и украински животи секоја недела, бидејќи сите овие луѓе умираат без причина. Денешната изјава на Зеленски само ќе го продолжи „убиството“, а тоа никој не го сака„, напиша Трамп.

„Многу сме блиску до договор, но човекот кој „нема повеќе адути“ сега мора конечно да го сфати ова и да ја заврши работата. Со нетрпение очекувам да им помогнам и на Украина и на Русија да излезат од овој целосен ХАОС – што никогаш немаше да се случи да бев јас претседател“, порача американскиот претседател.

Според американските медиуми, наводниот мировен план на Трамп предвидува официјално признавање на рускиот суверенитет над анектираниот Крим од страна на САД. Зеленски категорично го отфрли овој предлог, велејќи дека таквото признавање е спротивно на украинскиот устав.

Притисокот од Трамп се интензивира и кон Москва и кон Киев, при што неговата администрација предупредува дека САД би можеле целосно да се повлечат од посредувањето доколку не се постигне договор наскоро. Овој став го поддржа и потпретседателот Џеј Ди Ванс, кој изјави дека американскиот предлог е „јасен“ и дека е време двете страни да кажат „да“ или САД да се повлечат од процесот.

Тој додаде дека станува збор за „многу фер предлог“ кој ќе ги „замрзне територијалните линии на некое ниво блиску до сегашните“, под услов двете страни да се откажат од дел од територијата што моментално ја држат. Тој не соопшти други детали.

Back to top button
Close