Пакистан за утре свикува Совет за национална безбедност заради одговор на мерките на Индија

Пакистан за утре свика својот Совет за национална безбедност, составен од високи цивилни и воени претставници, што се собира само во итни ситуации. Целта е да се одговори на изјавите и постапките на индиската Влада по нападот во Кашмир, соопшти вечерва пакистанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ишак Дар.

Во најсмртоносниот напад врз цивили во регионот последниве години, вчера во индискиот дел на Кашмир вооружени напаѓачи отворија оган врз група туристи, при што загинаа најмалку 26 лица, а 17 се повредени.

Ден по нападот, Индија објави дека го суспендира стратешкиот договор за споделување вода со Пакистан и дека го затвора главниот граничен премин меѓу двете земји. Договорот за водите на реката Инд, потпишан во 1960 година, ќе биде замрзнат сѐ додека Пакистан „убедливо и неповратно“ не се откаже од поддршката за прекуграничниот тероризам, изјави секретарот за надворешни работи на Индија, Викрам Мисри.

Според индиската полиција, напаѓачите биле вооружени со автоматско оружје и нападот го извеле откако излегле од шума во близина на туристичко место кај Пахалгам.

Делхи директно го обвинува Пакистан за нападот, додека Исламабад досега објави само изјава со сочувство, загриженост и желби за брзо заздравување на повредените.

Инаку, Индија и Пакистан од нивната поделба во 1947 година се во долготраен спор околу контролата врз мнозински муслиманскиот регион Кашмир. Од 1989 година, таму дејствуваат бунтовнички групи кои се борат за независност или приклучување кон Пакистан. Делхи долго време го обвинува Исламабад дека ги поддржува бунтовниците, што Пакистан го негира, наведувајќи дека поддржува само „борба за самоопределување“.

Back to top button
Close