(ВИДЕО) Редици граѓани и утрово пред затворените експозитури на Алта банка.
Редици граѓани во Битола утрово стојат пред експозитурите на Алта банка во обид да ги подигнат своите средства.
Според вчерашната најава експозитурите на Алта банка АД Битола од денеска нема да работат со клиенти. Прекинот во работата ќе биде “до дополнително известување”.
Од банката, во соопштение објавено на нивната фејсбук-страница, велат дека согласно одлуката на Народната банка, воведени се привремени заштитни мерки, со кои за физичките лица е утврден неделен лимит од 10 000 денари за користење средства преку платежните картички на банката.
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески соопшти дека врз Алта банка АД Битола, која е во мнозинска сопственост на Алта банка АД Белград, ќе биде воспоставена администрација, што значи дека управувањето го презема Народната банка. Граѓаните што имаат сметки во оваа банка ќе може да користат максимум по 10 000 денари неделно за плаќања кон надвор. За внатрешни плаќања од една на друга сметка во банката износот е неограничен.
Како што кажа Славески, оваа мерка е воведена имајќи ги предвид јавно достапните информации за одземање на дозволата на Алта Банка АД Белград, со истовремено донесување одлука за исполнување на условите за поведување стечајна постапка над оваа банка, а во насока на заштита на билансот на Алта Банка АД Битола и на интересите на нејзините штедачи.





