Трамп во битка со историјата
Еве една оценка за универзумот на Доналд Трамп која ја дава извонредниот бугарски политички научник Иван Крастев. Во текст за „Фајненшел тајмс“ прави ваква вивисекција на американскиот претседател:

„Концептот на времето на Трамп е во самиот центар на неговото политичко однесување. Тој е претседател кој не размислува од перспектива на долгорочни стратегии, туку во ритамот на поставените рокови. Трамп е како режисер кој не снима филмови, туку само трејлери за филмови што никогаш нема да бидат снимени. Него всушност не го интересира исходот од војната меѓу Русија и Украина. За него е важно кога ќе заврши. Тој ја создава историјата како задолжен бизнисмен кој преговара со своите доверители.
Неговото револуционерно чувство за времето, во отсуство на каков било револуционерен проект, е извор на неговата сила и слабост. Тој вешто го искористува растечкото глобално чувство на итност. Егзистенцијалната анксиозност дека ‘нема време’ го потиснува прашањето ‘време за што’. Неговата подготвеност да го нападне Иран е одвоена од какво било чувство на одговорност за иднината на таа земја.
Суштината на оваа радикално нова онтологија на времето е тврдењето дека ништо што тој го прави не е наменето да трае. Трамп нуди договори што другите не можат ниту да ги одбијат ниту да ги прифатат“.
Би можело да се додаде нешто на ова? Секако дека да. Би можело ли нешто да се одземе? Тешко. Ако Трамп, како развивач на недвижности постојано бил во клинч со времето, со околностите и можностите, и ако вложувањата секогаш биле одреден вид коцкање, тогаш дали влегувањето во оваа војна може да се смести во ваква графа. Бидејќи Трамп никогаш не бил политичар од чистокрвен вид, туку трансакциски човек во неговата срж.
Како и вложувањата во недвижности за кои се потребни многу пари е коцка, така и војните најчесто се високо ризично коцкање. Молскавичната операција во Венецуела и грабнувањето на претседателот Николас Мадуро на Трамп му донесе зашеметувачко чувство дека ваква блиц-криг операција е можна и во Иран. Силно поттикнат од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (па дури и вовлечен) и од неговиот министер за одбрана Пит Хегсет, Трамп можеби помисли дека со убиството на врховниот лидер Али Хамнеи во првиот ден од војната режимот на ајатоласите ќе се распадне и тој ќе постави номенклатура (од истата структура, слично како и во Венецуела) која ќе води сметка пред сѐ за американските интереси, а потоа, ако е неопходно и за оние на иранскиот народ.
Победа која и не е тоа. Засега
Задоволен од првичното десеткување на клучните луѓе на режимот (намерно беа поштедени претседателот Масуд Пезешкијан и министерот за надворешни работи, Абас Арагчи) Трамп не рече: „Ние ќе го прашаме продемократското движење кого го сакаат“, кога ги повикуваше Иранците на внатрешен бунт, туку издаде наредба – Ние Американците ќе одлучиме која ќе биде владата на Иран. Тоа беше во временската отсечка пред еден месец.

Во други временски отсечки тој зборуваше дека нема веќе со кога да соработуваат или преговараат затоа што „сите ги убивме“. Па кога во неговиот концепт на времето се случи иранското затворање на Ормускиот Теснец и глобалните енергетски пазари почнаа да се свиваат од неочекуваните за стратезите во Белата куќа последици, сега во Техеран се бара еквивалент на Делси Родригез од Каракас. Но режимот на ајатоласите и Револуционерната гарда е нешто сосема поинакво од корумпираната диктатура во Венецуела. Па сега на американската маса е предлог од 15 точки, а на иранската контрапредлог од пет точки, кои тешко може да се сретнат. Откако беа потрошени внимателните арапски посредници од Катар и Оман во преговорите пред избувнувањето на војната, Америка сега се врти кон Пакистан да може да ги олесни разговорите. Ќе видиме што ќе се случува од викендов и идната недела.
Колку и да зборува Трамп за победа, победа и само победа, работите не изгледаат добро за него по еден месец бомбардирање. И веќе се наоѓаат паралели со слични војни во кои очекувањата на оние кои што влегле во нив биле погрешно коцкање. Две од нив се највпечатливи: едната е војната на Англија и Франција против Египет за Суецкиот канал во 1956; и втората е инвазијата на Владимир Путин на Украина во 2022. И во двете политичарите направија ужасно погрешни пресметки и претпоставки.
Првата започна на 29 октомври 1956 година, кога Израел започна напад на Синајскиот Полуостров за да ја пробие египетската блокада на Тиранскиот Теснец и Акабскиот Залив. Два дена подоцна, без консултација со САД, Велика Британија и Франција се вклучија во борбата со „Операцијата Мускетар“, чија цел беше да го преземат од египетска контрола Суецкиот канал, клучен бродски пат. Како и Трамп сега во Иран, британските и француските лидери сакаа да го соборат од власт египетскиот претседател Гамал Абдел Насер, кој го национализира каналот претходно таа година. Тие веруваа дека САД ќе ја ценат логиката и смелоста на операцијата, а успехот ќе ја врати глобалната доминација на нивните земји.
Но, нападот славно не успеа, а каналот остана затворен шест месеци. Британските и француските војски беа понижени, а лидерите на двете земји беа дискредитирани. Британскиот историчар Харолд Џејмс пишува дека американскиот претседател Двајт Ајзенхауер и американскиот државен секретар Џон Фостер Далес биле многу бесни за оваа непотребна авантура, бидејќи операцијата во Суец го одвлече вниманието од она што тие го сметаа за главен глобален предизвик: советскиот империјализам. Тој империјализам доби светска верификација само четири дена подоцна кога советските тенковите упаднаа во Унгарија да го скршат движењето за реформи кое почна на 23 октомври. Всушност, британско-францускиот суецки гамбит можеби го поттикна советскиот лидер Никита Хрушчов да ја направи својата интервенција. По Суецката криза Британија го доби печатот дека го загуби статусот на империја, а Франција не успеа да поврати дел од претходната слава. Како резултат, Москва го стави по железна тупаница целиот источен блок.
Владимир Путин мислеше слично кога ја почна инвазијата на Украина. Таа беше осмислена како брз, хируршки удар за обезглавување на демократски избраното раководство на Украина и инсталирање на марионетски режим. Но спектакуларната неспособност на руската армија наскоро ја претвори специјалната воена операција во мочуриште.
Британско-француската грешка во Суец барем беше милосрдно кратка; ги понижи обете земји и ги уништи нивните меѓународни амбиции. Операцијата на Путин се влече со години. Дали огромниот број жртви – 1,2 милиони, со можеби половина милион мртви – ќе ја натера Русија да се откаже од своите империјални претензии, останува невозможно да се предвиди. Многу Руси ќе го сметаат неуспехот да се покори Украина како предавство на мртвите, пишува Џејмс.
Точно една година пред овој последен напад врз Иран, Трамп ја постави сцената во Белата куќа (во присуство на телевизии) за тој и потпретседателот Џеј Ди Венс да го заплашат и понижат украинскиот претседател Володимир Зеленски. Таа сцена е останата во глобалното сеќавање.
На заканите вознемирениот Зеленски им одговори дека „за време на војна, сите имаат проблеми, дури и вие. Но, имате убав океан и не го чувствувате сега, но ќе го почувствувате во иднина“. Потоа Трамп го подигна гласот: „Не сте во позиција да диктирате што ќе чувствуваме. Ќе се чувствуваме многу добро и многу силни. Во моментов не сте во многу добра позиција. Дозволивте да бидете во многу лоша позиција. Немате карти во моментов“.
Какви карти има Трамп
Прашање е какви карти има Трамп во моментов кога ниту океанот не го штити од распространетото незадоволство дома поради високите цени на енергијата по почнувањето на војната. Иако САД се најголеми производители на нафта во светот. Како би можел да го отвори Ормускиот Теснец и да ја олади прегреаната глобална криза за енергенси? Дали со понатамошно безмилосно бомбардирање може да се оствари неговиот копнеж да „победи“ во војната. Тој неколку пати нагласува дека бара „безусловно предавање“ и сака режимот да „признае пораз“. А режимот нема намера да го направи тоа бидејќи болката што може да ја истрпи е многу поголема од очекувањата во Белата куќа.
Роберт Пејп од Универзитетот во Чикаго и врвен експерт за воздушна моќ и промена на режими, не мисли дека бомбите и ракетите ќе го направат клучниот пресврт без војници на копно.
Во разговор за мрежата „МС нау“ тој рече: „Ги проучував сите воздушни кампањи од Првата светска војна и во сето тоа време, повеќе од 100 години, само воздушната сила – без копнени сили – никогаш не соборила режим. Имало времиња кога имало продемократски движења во комбинација со воздушната сила; тоа никогаш не функционирало. Не функционирало во ерата на глупавите бомби, ни во ерата на паметните бомби.
Нема случај каде што само воздушната сила се координирала со цивилно невооружено продемократско движење за соборување на режим. Најблиску до ова е во 1991 година, по 39-дневната американска воздушна војна и по четиридневната копнена војна против Ирак за протерување на ирачката армија од Кувајт. Гледиштето во администрацијата на Џорџ Х.В. Буш беше дека Ирак е толку ослабен, а режимот на Садам толку разбиен што Буш јавно ги повика шиитите да се кренат и да го соборат режимот на Садам Хусеин. Па, секако, режимот на Садам ќе се скрши и ќе падне.
Што се случи наместо тоа? Режимот на Садам имаше многу преостанати капацитети и искасапи и уби десетици илјади од оние шиити кои се кренаа, а телата беа натрупани по улиците“.
Нема дилеми дека оваа војна беше тактички брилијантна од страна на Соединетите Американски Држави – американската војска направи сè што беше побарано од неа. Но, изгледа дека Иран не ја губи војната. Особено по затворањето на Ормускиот Теснец.

Да се навратиме на оценката на Крастев: „Трамп е претседател кој не размислува од перспектива на долгорочни стратегии, туку во ритамот на поставените рокови“. Клучното прашање за него е како да излезе посилен од она што го започна во комплицираната година на среднорочните избори кога може да го загуби Конгресот. Да имаше излез тој сигурно ќе зачекореше кон него и самиот ќе си ја залепеше етикетата – победник. Политичките загуби и сега се веќе големи.
Ако излезе од војната ќе го остави Иран да го контролираа Ормускиот Теснец, кој претходно не го контролираше. Ако тргне во ограничени копнени операции во Персискиот Залив и Ормускиот Теснец политичките трошоци ќе се зголемат многу драматично. А, сепак, мора да донесе одлука. Во основа, тоа е како коцкањето – останувањето во играта може да донесе уште поголеми загуби, а станувањето од масата тие загуби може да се ограничат на поднослива политичка мерка. Веројатно ни самиот Трамп не е сигурен кој чекор треба да го направи. Израел и арапските сојузници, Саудиска Арабија и Емиратите, го притискаат да ја продолжи војната (најмногу поради нивните интереси), додека јавното мислење дома му кажува дека треба да ја запре. А главното прашање за Трамп е како да ја заштити својата репутација, исто како што беше стратегијата на Ричард Никсон за завршувањето на војната во Виетнам. А таа заврши со понижувачко и панично бегство од Сајгон.(dw)






