Тренчевска: Владата има пари за диџеј и 50 луѓе во Америка, а нема пари за поголеми плати

Додека Владата наоѓа пари да плати 5,5 милиони евра за диџеј и за 50 луѓе да ги носи во Америка, за работниците нема пари за достоинствена плата. Тоа е вистинската слика за приоритетите на оваа Влада, обвини потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, во гостувањето во „Топ тема” на Телма.

„Не може да кажете дека стабилна е економијата. Не може да кажете дека пари никогаш доволно. Имате пари за диџеи, имате пари за 50 луѓе да носите во Америка. Не знам зошто за на состаноци по ходници и на средби по ходници. А, немаме пари за граѓаните и ќе ги оставите со 26.000 денари месечна плата”, рече Тренчевска.

Тренчевска потенцираше дека 26.000 денари минимална плата не се доволни за достоинствен живот, особено во услови на зголемени трошоци.

„Недостоинствено е 26.000 денари минимална плата. Кога бензинот денес ви е 100 денари, а дизелот отиде на 104,5 денари, а секој ден во маркетите цените се зголемуваат. Дали 26.000 денари во овие услови се доволни за плата или ако еве двајца работат 52.000 денари дали се доволни за едно четиричлено семејство да го помине достоинствено месецот? Ако немат решено станбено прашање таа сума се качува до 90,000 денари. Од друга страна синдикалната кошничка ни покажува дека скоро 70.000 денари ни се потребни за преживување. 30 до 40% од граѓаните живеат со до 30.000 месечен приход. Зарем тоа е доволно за да имаме достоинствен живот или владата не ја интересира за тоа како живеат граѓаните?”, обвини Тренчевска.

Тренчевска потсети дека СДСМ, додека беше на власт, носеше политички одлуки за зголемување на минималната плата, вклучително и во услови на криза.

„Во континуитет политиките на СДСМ се конзистентни во однос на животниот стандард на граѓаните и во однос на платите и минималната плата и останатите плати. Во услови кога имате криза владата мора да се грижи за стандардот на граѓаните. Не носиш политичка одлука затоа што сè во државата е добро. Носиш политичка одлука кога гледаш и тоа е основната улога и на социјалниот дијалог”, рече Тренчевска.

 

Таа предупреди и дека ниските плати се една од причините поради кои граѓаните ја напуштаат државата, додека стопанството се соочува со недостиг на работници.

„Треба да имаме предвид дека на стопанството му недостигаат работници. Граѓаните ја напуштаат државата и поради ниските плати. Нека не се фали власта со вработувања на црно и со вработувања за кои не се плаќаат придонеси. Нека погледне дали се променила бројката на работници коишто плаќаат придонес и за колку се зголемила., рече Тренчевска

Back to top button
Close