Трет пораз на Пелистер во АБА 2
Кошаркарите на Пелистер останаа со минимални шанси за пласман во плејофот во регионалната АБА 2 лига, откако вечерва загубија на гостински терен од лидерот Џокер со 93-84 и го претрпеа третиот пораз во четвртиот натпревар во групата Ц.
Со овој пораз, македонскиот актуелен вицешампион остана на третото место со скор од една победа и три порази, зад водечкиот Џокер (4-0) и Подгорица (2-1), која утревечер со евентуален триумф над последнопласираниот Широки Брег (0-3) ќе го обезбеди второто место во групата и пласманот во следната фаза.
Кошаркарите на Пелистер на вечерашното гостување во Сомбор имаа предност на полувремето од 53-49, но одиграа катастрофално лоша третата четвртина која ја загубија со 27-9 и не успеаја во последниот период да го избегнат третиот пораз сезонава во регионалното натпреварување.
Антоан со 18, Мишковиќ со 17 и Костовски со 16 поени беа најефикасни во редовите на Пелистер.
Во претпоследното петто коло, составот од Битола ќе му гостува на Широки Брег на 4 декември.