Три активни пожари, сè уште гори во Студеничани и Зелениково

Активни се пожарите на потегот од селата Моране, Вртекица и Рамни Габер и кракот кон Палиград, како и над селото Вражале, каде гори мешана шума

Во пожарите се зафатени ниска вегетација, стрништа, сува трева, грмушки и шумски површини. Регистриран е и случај на зафатено гнездо од штрк

Во изминатото деноноќие на територијата на државата се регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои три се активни, еден е ставен под контрола, а 25 се целосно изгаснати, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни се пожарите на подрачјето на општините Студеничани и Зелениково, на потегот од селата Моране, Вртекица и Рамни Габер и кракот кон Палиград, како и над селото Вражале, каде гори мешана шума.

Пожар е активен и во гостиварското село Трново, каде е зафатена мешана шума, како и над селото Нежилово во Општина Чашка, каде гори смрека.

Под контрола е ставен пожарот кај кичевското село Тајмиште, на месноста Дарда, каде горела високостеблеста букова шума.

Во текот на изминатото деноноќие се изгаснати 25 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Струмица, Василево, Делчево, Куманово, Јегуновце, Гостивар, Врапчиште, Демир Хисар, Пробиштип, Илинден, Сарај, Чаир, Студеничани, Арачиново, Македонски Брод, Новаци, Петровец, Берово, Карбинци и Чешиново-Облешево.

Во пожарите, како што соопштија од ЦУК, се зафатени ниска вегетација, стрништа, сува трева, грмушки и шумски површини. На одделни места гореле и отпад, слама и објекти, а регистриран е и случај на зафатено гнездо од штрк

Back to top button
Close