Три држави, две езера, една иднина – но каква?

Во Грција веќе се прави систем капка по капка, кој ќе штеди 46 проценти од досега користената преспанска езерска вода. На македонска страна земјоделците биле тренирани за одржливи земјоделски практити и се размислува да се користат други јаболкови сорти, за кои е потребна помалку вода. Но, има уште премногу да се направи за заштита и спас на Преспанското Езеро.

Во македонскиот буџет има нула денари за управување со националниот парк Галичица. Пари за негово функционирање се добиваат од странски донатори. Еден од нив е организацијата ПОНТ, која го критикува ваквиот однос на македонските власти.

„Морам да кажам, Албанија има пари за управување со заштитените подрачја, но Северна Македонија има 0 буџет за управување со националните паркови. Ништо од државата. Тоа не е прифатливо. Тоа не е од ова време. И во Грција финансирањето е ограничено од државата“, критикува Мирјам де Конинг, извршна директорка на ПОНТ.

Дополнителен проблем во Преспанскиот регион таа гледа во неодобрувањето на плановите за управување со националните паркови на македонска и грчка страна. Кога тие би биле одобрени би се ставила граница до каде може да бидат нивите.

„Планот за управување со споменикот на природата на Преспанското Езеро не е одобрен во Северна Македонија и планот за управување со Националниот парк Преспа во Грција не е одобрен. Сега, зошто е важно да се одобри планот за управување? Затоа што тогаш законски можете да го спроведете тоа и можете да запрете одредени случувања. Ако тој не биде одобрен, можеби јаболковите насади ќе можат постојано да се доближуваат до ова езеро. Но, ако границите се јасни и одобрени, тогаш можете да го спроведете тоа и да кажете: ‘oвде е линијата’“, нагласува Мирјам де Конинг.

Таа линија е значајна, бидејќи со повлекувањето на водата од Преспанското Езеро се создава слободна површина, која може да биде искористена во земјоделски цели. Дополнително земјоделие значи и дополнителен проблем за езерото. Во него влегуваат неискористените вештачки ѓубрива и така започнува еутрофикацијата, или процесот на зголемена продуктивност на алгите на површината и изумирање на организмите во водата.

„Во 1995 година е првиот момент кога е забележана појава на анаеробија, или недостаток на кислород на дното на Преспанското Eзеро. Ако продолжи таквиот тренд, а веруваме дека таквиот тренд продолжува, според податоците, оние организми коишто се врзани за дното, поради недостаток на кислород, со текот на времето истите ќе изумрат“, објаснува професорот Левков. „Проблемот моментално со Преспанското езеро не е толку нивото на водата, колку што е таканаречениот квалитет на водата“, додава тој.

Квалитетот на водата, која порано се пиела од езерото, одамна го нема. „Да, не е толку добра како што беше и многу е тешко да се оди кон чистата вода што ја имавме во 90-тите во Голема Преспа. Тоа е речиси невозможно. Луѓето мислат дека ако ги исечеме трските или ги отстраниме трските од бусените, сè ќе се реши. Не е така лесно. Бидејќи, тоа е како супа. Не можете да ја смените супата. Квалитетот на водата е енормно намален“, вели Мирсини Малаку Управниот директор на Здружението за заштита на Преспа.

Освен што го има изгубено квалитетот на водата, Преспанското Езеро има изгубено огромен волумен – голем колку едно вештачко езеро. Тоа преку сателитски снимки го утврдил тим од професори на Универзитетот во Валенсија.

„Во случајов станува збор за седум проценти губење на површината на езерото. Тоа изгледа можеби малку, меѓутоа тоа е огромна количина на вода. Станува збор за губиток на 53 милиони кубни метри вода. Тоа е како цело едно вештачко езеро да отиде. Како цела една акумулација. Огромна бројка е тоа“, нагласува проф. д-р Надежда Апостолова.

Истражувањето покажало зголемување на зелената боја на сателитските снимки, што значи повеќе алги и повеќе хлорофил. Тоа покажало и дека падови во нивото на водата се забележани кога имало големи периоди на суша во Медитеранот. Дел од него цитираше и НАСА на својата веб страница.

„НАСА веќе подолго време е загрижена за тоа што се случува со езерата во светот. И она за што исто така НАСА нагласи е дека станува збор за едно од најстарите езера во светот. Нашите езера, Охрид и Преспа, се древни езера, се во категоријата на древни езера. Што значи древно езеро? Древно езеро е езеро постаро од 130.000 години. Такви езера во светот има 20 или 30 можеби. Некои извори велат 20, некои 30, но најмногу 30. А, ние имаме две од тие 30“, нагласува професорката Апостолова.

Трите држави немаат ни редовен, ниту заеднички мониторинг, а ниту, пак, иста методологија. Во 2000-та година меѓу грчкиот, македонскиот и албанскиот премиер и ЕУ беше потпишан договорот за прекуграничниот биосферен резерват Преспа, со кој се заштитија 832 км².

„Излегоа со слоганот: три држави, две езера, една иднина, што значи дека една е визијата за регионот на Преспа“, се сеќава Васил Мале, раководител на Управата на заштитените подрачја на округот Корча.

Но, Договорот за заштита и одржлив развој на Преспа паркот стапи на сила дури во 2019 година, откако беше ратификуван во парламентите на сите четири потписнички. На крајот на јуни 2020 година, поради пандемијата, на Интернет бил првиот состанок, на кој министрите заклучиле дека е потребна итна заедничка акција на сите нивоа од сите три крајбрежни земји. Но, итноста значела две години, па во јуни 2022 година работните тела со експерти се состанале во грчкото гратче Пили. Вториот нивни состанок треба да биде одржан оваа есен, како и повторниот министерски состанок, одложениот поради изборите во Грција.

Кога ќе се потцрта линијата колку институции и организации, како ПОНТ, ЕУ, УНДП, ЦЕПФ, но и германската банка КфВ, инвестирале во проекти во Преспанкиот регион, тогаш се доаѓа до бројка од најмалку: 38.428.581 евро.

„Теоретски, Преспа го има добиено целото потребно внимание. Имаше многу финансирања, имаше проекти од милиони евра низ годините, но во реалниот живот, во животот на жителите овие проекти направија мала разлика и факт е дека областа губи население, исто како и сите други области“, објаснува Александер Трајче, извршен директор на ППНЕА.

Покрај за губењето на популацијата, трите држави немаат најдено решение ниту за спас на езерото. Фалaт континуирани биохемиски истражувања, но и истражувања за одливот на водата.

„Прво, најверојатно нема и од технички аспект. Тоа е најверојатно опрема, којашто ние како држава ја немаме. А, за тоа ќе треба да седнеме и малку посериозно да позборуваме и со Република Албанија и со Република Грција за да направиме финансиско портфолио, да видиме кои се финансиските капацитети, кои се човечките капацитети во овој регион. А, ако не, да се бара можеби помош и пошироко, за да можеме да утврдиме“, вели македонската министерка за животна средина, Каја Шукова.

Од албанска страна веќе било пријавено, а од македонска регистрирано дека се случува злоупотреба на рибниот фонд во Преспанското Езеро. Од 2021 до јуни 2023 година МВР затекнало 15 лица – во скоро сите случаи со двојно албанско и македонско државјанство, а во девет случаи пронашло рибарски мрежи и риболовен алат во езерото. Шверцуваната риба ја смалува цената на онаа на регуларниот пазар.

На македонска страна лани била формирана комисија, која направила свој Акциски план за заштита на Преспанското Езеро, за чија реализација се потребни најмалку 2.612.790 евра – пари од државниот буџет и странски донации.

Повеќе на https://nota.mk/prespa-zednoto-ezero/

 

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева, Елона Елези и Есмералда Топи

Овој напис и документарецот „Преспа – жедното езеро“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe (www.journalismfund.eu)

 

 

 

Back to top button
Close