Три лица осудени на вкупно 30 години затвор за убиството кое ја потресе Македонија
Основниот суд Кавадарци донесе првостепена пресуда со која тројца кавадарчани се прогласени за виновни за убиството што се случи пред една година пред казино во центарот на Кавадарци.

За кривичното дело „Убиство“ од член 123 став 1, во врска со член 22 од Кривичниот законик, виновни се прогласени Д.Б. (27), М.Ѓ. (36) и Д.С. (28), сите од Кавадарци. Кривичниот совет на Основниот суд им изрече казна затвор од по 10 години за секој од обвинетите.
Од Основниот суд Кавадарци информираат дека во текот на постапката немало признание на вина, а по изрекувањето на пресудата на обвинетите им е продолжен притворот, бидејќи се прогласени за виновни.
Пресудата е првостепена и не е правосилна. Странките имаат право на жалба, а Основното јавно обвинителство Кавадарци веќе најавило дека ќе ја обжали пресудата, бидејќи не е задоволно од висината на изречената казна.
Убиството се случи на 27 август 2025 година, во раните утрински часови, пред казино на улицата „Никола Минчев“ во центарот на Кавадарци. Според обвинението, на настанот му претходела вербална расправија во казиното, по што тројцата обвинети излегле надвор заедно со 43-годишниот П.Т. Таму физички го нападнале, удирајќи го со тупаници и клоци по главата и телото.
Жртвата се обидела да се врати во казиното, но изгубила свест. Од здобиените тешки телесни повреди починала на местото на настанот, а екипата на Итната медицинска помош, која пристигнала околу 15 минути подоцна, можела само да ја констатира смртта.
УБИЕН БЕШЕ ПАНЧЕ Т. – ГО ЧЕКАШЕ РАЃАЊЕТО НА СВОЕТО ВТОРО ДЕТЕ
Како што раскажуваа тогаш за ВИКИМЕДИА, убиениот Панче го очекувал раѓањето на своето второ дете и беа вознемирени од настанот.
-Не е во прашање само прекинатиот живот на младиот Панче и уништените животи на неговото семејство, уништени се и животите на младите лица кои биле вмешани во оваа трагедија! Срозени се и нивните фамилии, и за жал, казината и после се остануваат насекаде низ градот, достапни на сите, и секако носејќи ги со себе сите последици како за комарџиите, така и за нивните семејства кои страдаат. Колку вакви случаи има низ земјата, колку убиства поради комар и долгови, па дури и самоубиства, колку тепачки се случуваат годишно? И не се жртви само тие кои играат комар, дури уште поголеми жртви во овие случаи се нивните семејства, нивните деца. Во овој случај, уште неродено дете го изгуби таткото, реагираа граѓаните






